Министерството за одбара соопштува дека во врска со вчерашните информации за учество на припадник на АРМ во инцидент на прославата на празникот Илинден на Мечкин Камен, формирана е Комисија со цел покренување на постапка против професионалниот војник Мартин Богоевски кој е евидентиран односно -препознаен на видео снимка од инцидентот во Крушево.
-Со цел да се добие увид во ситуацијата и во заднината на случувањата, професионалниот војник Богоевски денеска е повикан на разговор и на распит во Воената полиција. Во текот на распитот војникот Богоевски, иако на видео-снимките се гледа како стои во првиот ред, негирал дека учествувал во инцидентот во кој беа нападнати вербално и со фрлање предмети високи официјални гости од странство како и владината делегација која дојде на Мечкин Камен со цел да зеде учество во прославата на Илинден, се наведува во соопштението.
Министерството за одбрана го осудува учеството на професионалниот војник Богоевски во инцидентот и укажуваме дека на припадниците на институција како што е АРМ не им е местото во групи кои користат насилство за остварување на политички цели и кои со напади врз високи странски официјални лица го нарушуваат угледот на АРМ и на Република Македонија.
Министерството за одбрана ќе ја информира јавноста за текот на постапката и за преземените мерки во врска со овој случај.