Македонија се најде на дното во Европа според Извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум. Земјава го зазема 84-то место. Полошо од Македонија, на континентот, се рангирани само Молдавија и Босна и Херцеговина. Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека освен ниското ниво на инфлација, земјава е лошо оценета во речиси сите области. Македонија доби ниски оценки и во делот на функционирањето на институциите и правосудството – објави „Алфа“
Лошите оценки во извештајот се однесуваат на справувањето со организираниот криминал, слабата заштита на интелектуалните и имотните права, како и неефикасноста на законите. Се нотира и лошата инфраструктура, слабо сме рангирани според поврзаноста и квалитетот на патиштата, услугите на железницата, како и транспортот од и до аеродромите. Во делот на образованието и бизнисот, анкетираните во Македонија се пожалиле дека тешко се наоѓаат квалификувани работници, дека ретко кој врши обука на кадарот и дека е мала соработката на газдите со синдикатите. На врвот на Извештајот за глобална конкурентност се најдоа САД, Сингапур и Германија.
Инаку, лани Македонија не беше рангирана на оваа листа поради недоволно податоци.