,,Ми беше оневозможено да дадам ефективна и делотворна одбрана, исто како случаите Годди против Италија и Кан против Австрија“, вели ексклузивно за Денешен, адвокатот Тони Менкиноски, познат адвокат и борец за човекови права, извонреден познавач на случаите водени пред Европскиот суд за човекови права.
Воведниот говор кој судот бараше јас да го дадам и да изнесам факти и докази за мојот клиент беше невозможна мисија од причина што полномошното го имам добиено ден пред судењето од страна на неговата сопруга, објаснува Менкиноски, адвокат на Горанче Ангеловски.
„ Јас побарав согласно Законот да ми биде овозможено правото од минимум 15 дена како би дал ефективна и ефикасна одбрана на мојот клиент. Судот го одби ова барање иако согласно Законот тоа ми припаѓа. Во позицијата во која бев поставен да дадам одбрана без познавање на предметот и увид во истиот е фрагрантно кршење на основните човекови права како за мене така и за мојот клиент. Како јас да ја погледнам во очи фамилијата на мојот клиент и како јас да им образложам дека сум го бранел нивниот татко и сопруг во случајов, а притоа да не бидам запознаен со обвинението и доказите во предметот против мојот клиент. Имајте во предвид дека мојот клиент е во притвор! Од таа причина ќе ги информирам Европскиот комесар за човекови права и релевантни институции на ОН за ваквата повреда на правото на одбрана“, истакнува Менкиноски.
Откако адвокатот го напушти рочиштето судијката Добрила Кацарска посочи дека претходниот бранител се откажал од застапување па судот, по судска должност, поставил друг бранител на обвинетиот. На 21 август во судот било доставено известување дека семејството одлучило Тони Менкиноски да биде нов бранител на обвинетиот. Судијката нагласи дека тој имал доволно време да го обезбеди обвинителниот акт, како и доказните материјали, истакнувајќи дека не смее да ја напушти судницата и да го остави обвинетиот без бранител.
Судењето е прекинато на еден час, но можеби и повеќе.
Инаку, утринава со воведните зборови на останатите адвокати на обвинетите во предметот „27 април“, за настаните во македонското Собрание од 2017 година, денеска во Кривичниот суд во Скопје почна третото продолжение на овој судски процес, еден од најголемите во поновата македонска истрорија.
На обвинителната клупа се 33 лица, пратеници, поранешни функционери, јавни личности, полицајци, од кои 31 одговараат за „ терористичко загрозување на уставниот поредок“ , а двајца за помагање.