Пченицата да биде заштитена со минимум 12 денари за килограм, а стоковните резерви да почнат со откуп на 1 јули, наместо во октомври или ноември кога веќе нема да има лебно жито, бараат земјоделците.
Тие годинава очекуваат добар род и квалитет, но се сомневаат дека откупувачите ќе им понудат соодветна цена.
Мелничарите, пак, не спомнуваат бројка, но се децидни дека ќе откупуваат според потребите и пазарната цена која во моментов, велат, никој не знае колкава ќе биде.
Минатата недела, на последниот состанок во Министерството за земјоделство, сите три страни, МЗШВ, преработувачите и производителите, се согласиле околу предлогот државата да откупи 12.000 тони пченица за стоковните резерви. Овој предлог ќе биде една од точките на дневниот ред на денешната седница на владиниот Комитет за земојоделство и безбедност на храна (Агросоветот). Ако предлогот се усвои, ќе почне постапката за јавна набавка што, според МЗШВ, ќе биде мотив мелничарите да откупуваат домашно жито, а цената ќе зависи од јавното наддавање.
– Повторна средба со откупувачите е предвидена, но добра цена од нив и годинава не очекуваме. На минатиот состанок нивната прва понуда беше пет до седум денари што е апсурд и не доаѓа предвид. Подобро да го запалам родот, отколку да го дадам за таа цена, вели Мемет Синани, производител од Полошко, кој располага со околу седум хектари пченица.
Тој порано жнеел по 20 дена со два комбајна, а сега целиот процес го завршува за пет до шест дена за што му е доволен еден комбајн.
– Производителите не бараат којзнае колку, туку денар или два. Од 330.000 тони произведени пред некоја година кога имавме добра цена, лани се сведовме на 170.000 – 180.000 тони. Зошто производството е преполовено? Затоа што нема цена, нагласува Синани.
И Асоцијацијата на земјоделци смета дека треба да има т.н. препорачана цена за пченицата која не смее да биде под 12 денари, независно што годинава родот и квалитетот се добри.
– Не знаеме колку ќе ни дадат мелничарите зашто уште нема никаков договор, но како секоја година, дражавата треба да го плати остатокот до 12-те денари со субвенции. Се прават разни математики, дека не ни се потребни дополнителни субвенциии зашто имало добар род. Но, тоа не е во ред. Така не бива. Добрите приноси и квалитет не значат дека не треба да добиеме 12 денари за килограм, изјави претседателот на Асоцијацијата Ефтим Шаклев.
Според него, има и такви калкулации кои велат дека производните трошоци се девет денари за килограм, па толку треба да биде и цената на пченицата.
– Не може да бидеме задоволни само ако ги покриеме трошоците. Треба ли нешто да јадеме, да купиме обувки, да ги школуваме децата?. Ако не сме во право, погледнете што се случува, праксата покажува. Селата масовно се ислеуваат, младите си одат, реагира Шаклев.
Негова оценка е дека само со медијаторство на Министерството може да се постигне некаков договор и тоа што е догооврено, да се почитува. Синани, пак, е со спротивно мислење. Иако Министерството за земјоделство постојано ја следи состојбата, последниве години скоро никогаш не се нашло решение.
– Нашиот став е дека ќе откупуваме по пазарна цена и според потребите во моментот. Тоа го соопштивме и на средбата во Министерството. За цена не се изјаснивме, не стана воопшто муабет за тоа зашто никој не може да знае колкава ќе биде пазарната цена, изјави Моме Велковски од „Агромел“.
Мелничарите биле на средба и во Агенцијата за стоковни резерви за да кажат со колкави капацитети располагаат и дали можат да им помогнат на земјоделците за складирање.
– Ако се усвои предлогот стоковните резерви да откупат 12.000 тони пченица, почнува постапката за јавна набавка. Тоа ќе биде мотив мелничарите да откупуваат домашно жито кое ќе го понудат на стоковните резерви. Првпат ќе се даде можност да има и помали лотови за земјоделците сами да можат да ја понудат пченицата на стоковните резерви. Цената по која ќе се откупува пченицата од стоковните резерви ќе зависи од јавното наддавање, информираат од МЗШВ за МИА и додаваат дека на последната јавна набавка цената на пченицата била 14 денари.
Од Министерството нагласуваат дека откупот на 12.000 тони пченица за стоковните резерви ќе поттикне зголемување на откупната цена.
МЗШВ наскоро ќе излезе и со пресметките за производната цена на годинашното лебно жито.
Годинава се очекува родот на пченицата да достигне 200.000 – 250.000 тони. И квалитетот треба да е добар. Но, речиси сите површини, како што информира Синани се зафатени со болеста ‘рѓа што се очекува можеби малку да влијае на приносот, но не и на квалитетот зашто зрната се веќе во полна зрелост.