Акциите на „Sony“ може да се зголемат за речиси 30 отсто, велат аналитичарите, пренесува „CNBC“.
Инвеститорите се настроени позитивно кон јапонскиот технолошки гигант, главно благодарение на нивниот добро развиен бизнис за игри, кој може да донесе рекордни приходи на компанијата.
Во петокот од „Nomura“ ја зголемија очекуваната цена во наредните месеци за акциите на компанијата на 8.000 јени, што е еквивалентно на 71,43 долари по акција, што е повеќе од 27% над цената од отворањето денес.
Минатиот месец „Credit Suisse“ исто така го зголеми рејтингот на компанијата, велејќи дека очекува цена од околу 7730,50 јени (69 долари), што е околу 23,7 отсто над сегашната вредност. Очекувањата за акции се зголемија брзо, според „Ројтерс“.
Пред само три месеци, просечната цена на аналитичарите беше 6587,27 јени (59 долари). Од почетокот на 2018-та година, акциите на „Sony“ веќе се зголемија за повеќе од 22%, моментално тргувајќи на 6.218 јени (55,55 долари).
Аналитичарот на „Nomura“, Ју Оказаки вели дека позитивните очекувања се должат на добриот старт на играта за „PlayStation 4“ – „Spider Man“, како и филмот „Venom“.
Бизнисот со игри на компанијата во моментов генерира околу 24% од приходите на „Sony“, но во последната година забележа раст од 35.6%, покажаа неодамна објавените податоци до 30-ти јуни.
Големи се очекувањата исто така и за подобри приходи од страна на компаниите, прозводители на сензори за слики, употребата на камерите во мобилните телефони кои „Sony“ ги продава на производителите.
Повисоките очекувања можат да генерираат рекордни профити за компанијата на крајот на фискалната година, што ќе рече 31-ви март 2019-та година. Аналитичарите, со кои „Reuters“ се контактираше, очекуваат оперативен профит од 794.71 милијарди јени (7,1 милијарди долари), што е над резултатите од пред една година од 729,9 милијарди јени (6,5 милијарди долари).
Се разбира, тука исто така има ризик и тој е поврзан и со евентуален пад на побарувачката на смартфони, така и со доаѓањето на моќен конкурент во друг од бизнисите на компанијата.