Актуелно 18.03.2024 10:00

Ако нема ред во цените за граѓаните, ќе има дебели казни за трговците и до 20.000 евра

Ако нема ред во цените за граѓаните, ќе има дебели казни за трговците и до 20.000 евра

Пратениците беа едногласни кога минатата недела на 148. седница на законодавниот дом го донесоа Законот за забрана на нефер трговски практики со кој се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи.

Неговата примена, како што ММС и претходно пишуваше, се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите, но и да запре нелојалната конкуренција во трговијата.

Всушност, оваа законска регулатива треба да ги спречи манипулациите со цените во синџирот на снабдување и препродавање на производите со оглед на тоа што инспекциските контроли на терен со години бележат неправилности.

Сега, откако законот е донесен, кога наесен ќе почне да се спроведува едно е сигурно – ќе има поефикасна контрола и надзор, а за тоа е задолжена Комисијата за заштита на конкуренцијата. Контролата ќе почне да функционира после шест месеци период кој е даден за да се направат подготовки за непречено спроведување на законот.

Меѓу првите во Европа воведуваме ред во цените

Според министерот за економија Крешник Бектеши до целосната примена на законот нема да има енормно зголемување на цените на производите. Од друга страна, пак, сведоци сме дека цените постојано растат, иако на сила беше мерката за гарантирани цени на одредени производи.

„Со овој закон се уредуваат правила и мерки за спречување на наметнување нефер трговски практики, кои отстапуваат од доброто трговско однесување, се утврдуваат нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи и координација помеѓу органите надлежни за спроведување на одредбите од овој закон. Овој закон се применува на продажба на земјоделски и прехранбени производи каде што добавувачот и купувачот се основани во Република Северна Македонија, или во земјите членки на Европската унија, или во трети земји. Законот се применува и на услугите кои купувачот му ги дава на добавувачот согласно член ­­5 на овој закон“, се вели во воведните одредби на новото законското решение со кое Македонија е меѓу првите земји во Европа.

Важно е да се спомене и тоа дека Законот за забрана на нефер трговски практики предвидува до 15 март секоја година, Комисијата за заштита на конкуренцијата до Европската комисија да доставува извештај за нефер трговски практики во деловните односи на купувачите и добавувачите во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

За прв пат во државата се носи вакво законско решение во кое има наведено 26 нефер трговски практики кои ќе се уредуваат, велат од Министерството за економија.

Вицепремиерот задолжен за економските ресори во Владата Фатмир Битиќи со ова законско решение очекува да се стабилизира редот со цените. Според Битиќи, законот за забрана на нефер трговски практики е решение кое досега сме го немале и вели дека е правиот пат кон европската интеграција.

„Секако, законот е системско решение кое сме го немале, а го немале и никаде во Европа. Ова е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе го означи правиот пат кој сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција. Ваквите решенија укажуваат што е доброто на нашето интегрирање во ЕУ“, смета Битиќи.

Дебели казни за прекршителите

Казните за оние што ќе се дрзнат да го прекршат овој нов закон се движат и до 20.000 евра.

Во членот 23 е предвидена глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра за мал трговец, од 6.000 до 12.000 евра ќе плати среден трговец и глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра за голем трговец. Овие казни ќе бидат изречени ако фирмата (правното лице) која во својство на купувач спрема нејзините добавувачи употребува значителна преговарачка моќ со наметнување нефер трговски практики и тоа ако:

– Во договорот за набавка на јасен и разбирлив начин не се утврдени општите деловни услови помеѓу договорните страни во согласност со членот 4 став (2) од овој закон.
– не ги почитуваат условите и роковите на плаќање согласно членот 4 ставови (3), (4), (5), (6), (7) и (8) од овој закон.
– ако постапува спротивно на забраната за нефер трговски практики наведени од точката 1) до точката 26) од ставот (1) на член 5 од овој закон.
– не ја почитува обврската наведена во член 5 став (3), (4) и (5)
– не склучи договор во кој ќе се приложи јасна и недвосмислена писмена проценка за трошоците или плаќање наведено во член 5 став (6 ).
– пресметува попусти и рабати од добавувачот во износ повисок од 10% спротивно на членот 5 став (7) од овој закон.

Потоа, законодавецот предвидел глоба во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во износ од 100 до 200 евра за мал трговец, од 200 до 350 евра за среден трговец и глоба во износ од 350 до 500 евра за голем трговец која ќе му биде изречена на одговорното лице во фирмата ако го прекрши законот.

Во членот 24 се предвидени глоби и за полесни прекршоци. На пример, глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.000 до 1.500 евра за мал трговец, глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра за среден трговец и износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.

Овие казни ќе бидат изречени за прекршок на правното лице, ако не постапи по заклучокот на Комисијата за одлучување по прекршок за доставување податоци во определен рок.

Потоа, ако трговецот достави неточни, нецелосни или податоци кои можат да ја доведат во заблуда Комисијата за одлучување по прекршок, ако не постапи по заклучокот од членот 16 од овој закон, ако не овозможи непречен влез во кои било деловни простории, земјиште или превозни средства на определено претпријатие итн.

Рабат само до 10 отсто

За да се овозможи ефикасно спроведување на законот кој навистина пропишува прецизна казнена политика многу е важно дали надлежните ќе си ја работат својата работа ажурно, или ќе бидат мета на критики поради одолговлекувањето на постапките.

Оттаму, законодавецот пропишал и одредби кои се однесуваат на застареност на прекршочната постапка. Таа нема да може да се поведе ниту да се води ако поминат три години за прекршоци од членот 24 од овој закон и пет години за прекршоци од член 23 од овој закон.

„Роковите за застареност почнуваат да течат од денот на сторување на прекршокот. Ако се работи за продолжен или повторен прекршок, роковите за застареност почнуваат да течат од денот кога прекршокот престанал. Изречената прекршочна санкција не може да се изврши ако од денот на правосилноста на решението со кое се утврдува постоење на прекршок поминат две години. Застареност на поведување на прекршочната постапка и застареност на извршување на прекршочната санкција настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на поведување на прекршочната постапка, односно за застареност на извршувањето на прекршочната санкција“, вели законодавецот.

Од Министерството за економија велат дека новиот закон предвидува и листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10 проценти и во тие рамки ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените.

Листата на земјоделски и прехранбени производи треба да биде донесена во рок од три месеци од денот на стапување во сила на законот. Добавувачите и купувачите кои склучиле договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи се должни во рок од шест месеци да се усогласат со одредбите од законот.

На листата се најдоа видови млеко и павлака, јогурт, видови сирење, мед, компир, домат, кромид, лук, краставици, видови грав и грашок, блитва, ананас, боранија, леќа, авокадо, видови портокали, мандарини, лимон, грозје, лубеници, вишни, видови кафе, житни производи, видови колбаси, дел од конзервираната храна, шеќерoт, слатки, колачи, какао и производи од какао, џемови, путер од кикиритки.

()