Вработените во приватниот сектор, до крајот на годината ќе добијат регрес за годишен одмор попознат како К-15.
Право на К-15 имаат сите вработени кои во фирмата непрекинато работеле шест месеци, а парите треба да ги добијат најдоцна до 31 декември.
Според Колективниот договор за стопанството, К-15 изнесува 40 проценти од просечната нето-плата во државата исплатена во последните три месеци. Ако сега почнат да исплаќаат, работодавачите на сметката на секој раобтник треба да уплатат по минимум 9.610 денари. Но, имајќи предвид дека просечната плата е во постојан пораст, колку подоцна исплатен, регресот ќе биде за некој денар повисок.
Највисоката сума, пак, е определена на истиот начин, но според просечната бруто -плата. Така, во моментов максималниот К-15 изнесува 14.090 денари.
Меѓутоа, по предлог на работодавците, пред две години се направи измена на Колективниот договор и се дозволи фирмите со финансиски потешкотии да исплаќаат и помали суми од минимално утврдените, но само со согласност од претставник на Синдикатот или на работниците. Ова е трета година со ваков начин на исплата, а досегашното искуство укажува на многу малверзации од работодавците, од кои некои отидоа до таму на сметките на работниците да префрлат К-15 од само 100 денари, колку да ги избегнат високите казни за неисполнување на оваа обврска.
Високи казни, па дури и затворски, се предвидени и за газдите кои ќе поделат К -15, а потоа ќе побараат од работниците да им ги вратат парите.