Четиристотини евра во денарска против вредност изнесува паричната казна која ќе ви ја наплати државата во судска постапка, плус кривична пријава за незаконско снимање поднесена од секој поединец чиј идентитет ќе биде утврден во снимениот материјал кој е прибавен со било каков вид камера, поставена во автомобил или во станбена зграда. Ова дело е казниво според Законот за лични податоци на Македонија, објави Судство.мк.
Секој, кој веќе поставил камера во возилото или во зграда, без да има одобрение, буквално, од сите станари во зградата, должен е веднаш, пред да биде казнет да ја отстрани опремата за видео надзор.
Сопствениците на современите возила кои имаат фабрички инсталирани видео камера во ретровизорите или во задниот дел од автомобилот имаат опција сами да побараат од овластен сервис да им ја деактивира направата, бидејќи во Македонија како и секаде во ЕУ, снимањето на личните податоци и идентитетот на граѓаните на јавно место е забрането и казниво.
Многу од граѓаните, велат експертите, понесени од разни видео клипови, кои ги прават аматери од цел свет, инсталираат камери во своите автомобили, надевајќи се дека еден ден, таа снимка ќе можат да ја искористат како „доказ“ доколку им се случи некоја непридвидена ситуација.
Но, согласно член 369 став (1)од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18 и 83/18), само полицијата е овластена да постави уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата, согласно со закон.
– Во став (2) на овој член е утврдено дека под снимање, во смисла на овој закон се подразбира постојан видео надзор над јавните места од ставот (1) на овој член. Во став (3) е утврдено дека, снимањето од ставот (1) на овој член, може да се врши и со посебни возила на Министерството за внатрешни работи опремени со посебни уреди за таа намена. Во став (4) на овој член е утврдено дека снимениот материјал од ставовите (1), (2) и (3) на овој член се чува во полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува со согласно со закон. Согласно член 5 став 1 алинеи 1, 2, 3 и 5 од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/05, 103/08, 124/10, 135/11, 43/14, 153/15, 99/16 и 64/18), личните податоци се: обработуваат правично и во согласност со закон, собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели, соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат, чувани во форма што овозможува идентификација на субјектот на лични податоци, не подолго од што е потребно да се исполнат целите поради кои податоците се собрани за натамошна обработка – вели за Судство.мк Горан Трајковски, директор на Дирекцијата за лични податоци.
Тој додава дека според член 9-а став 1од овој закон, одредбите од овој закон се применуваат и на обработката на личните податоци преку вршење на видео надзор, освен ако со друг закон поинаку не е предвидено.
– Според член 9-в став 1од овој закон, за вршење на видео надзор во едностанбени и повеќестанбени објекти задолжително е потребна изјава за согласност од сите сопственици, односно закупци на становите. Во став 3 на овој член е утврдено дека, забрането е снимање на влезови на индивидуални станови на други сопственици, односно закупци. Сопственикот би можел да постави камера која врши надзор врз неговата влезна врата, но само во случај и се додека истата не снима заеднички простории на зградата – велат од ДЛП.