Ако минатата година најмногу се тргувало со акциите на некое акционерско друштво во земјава, тоа е убедливо Комерцијална банка. Со акциите на таа банка лани биле направени вкупно 4.384 трансакции, а бил остварен вкупен промет од 19,2 милиони евра. Со ова акцијата на Комерцијална банка е убедливо најтргуваната акција во текот на минатата година, покажуваат податоците од Годишниот билтен на Македонската берза, објавен на веб страницата на таа институција.
Комерцијална банка е и во топ петте акции со најголем раст за минатата година. Или прецизно, таа се најде на петто место според растот на цената на акцијата за минатата година, завршувајќи ја годината со 14.227 денари за акција, или растот е за 21,28 отсто во однос на декември претходната година.
Акцијата на Комерцијална банка во вкупниот промет на Берзата за минатата година учествувала со над половината, односно 53,6 отсто.
Фактор веќе објави анализа за тоа која е причината за порастот на цената, што значи и зголемен интерес за оваа акција, а според познавачите таа треба да се бара во високата очекувана дивиденда што би ја донела оваа акција, а која ќе се обзнани како предлог за акционерско собрание најверојатно некаде на средината на март следната година, и да се офиоцијализира еден месец подоцна, кога ќе се одржи самото собрание.Очекуваната дивиденда, пак, е поради големиот планиран профит на Комерцијална банка за оваа година, а што е сосема логично, ако се има предвид дека само за првите девет месеци од годинава, оваа банка оствари чиста добивка од 50 милиони евра, највисок во нејзината историја и во банкарскиот сектор во земјава воопшто.
Секако, после усвојувањето на завршната сметка на банката, а што се планира за април идната година, се очекува и Комерцијална банка посериозно да почне да преговара околу спојувањето со Стопанска банка Битола, за што двете банки и јавно ги презентираа своите намери во јавноста.
Според Централниот депозитар за хартии од вредност, во моментов единствен акционер со над 5 отсто акции во Комерцијална банка е Адора Инжинеринг на Ванчо Чифлиганец, која поседува 14,99 отсто од вкупниот акционерски капитал на банката.
Како втора најтргувана акција на Берзата секако дека за лани се јавува нашиот фармацевтски гигант „Алкалоид“, со 2.103 трансакции направени при тргувањето со акциите на ова друштво. Со акциите на „Алкалоид“ минатата година е направен и огромен промет, односно 8 милиони евра.
Инаку, во вкупниот промет тргувањето со акциите на „Алкалоид“ учествувале со 17,47 отсто, што е на второ место на убедливо најтргуваните акции на пазарот на капитал во текот на минатата година.
„Алкалоид“ е една од најуспешните и најпрофитабилните македонски компании, и затоа акциите на тоа друштво секогаш се интересни за инвеститорската јавност.
Според бројот на трансакции, но и според висината на прометот и неговото учество во вкупниот берзански обрт, акцијата на НЛБ Банка се наметнува како единствен кандидат за „бронзениот медал“, односно за третата позиција.
Со таа акција се направени 1.131 трансакција, а прометот кој се остварил изнесува близу 5 милиони евра со акциите на таа банка. Тој промет, пак, во вкупниот учествувал со 10,63 проценти.
На четврто место според бројот на трансакциите е „Макпетрол“, со 648 трансакции и промет од 2,4 милиони евра, што, пак, опфаќа 5,47 отсто од вкупниот промет остварен на берзата минатата година.
Уште една банка, Стопанска банка Скопје, е петта на оваа листа, со вкупно направени трансакции 626 со нејзините акции, и со промет од 1,9 милиони евра, што е 3,88 отсто од вкупниот промет остварен на берзата минатата година.
Потоа следуваат УНИ Банка, „Гранит“, ТТК Банка, Стопанска банка Битола, како и уште една фармацевтска компанија – „Реплек“.
Ако во Билтенот се гледа чија акција има најголем пораст во текот на минатата година, тоа е убедливо акцијата на компанијата „Оранжерии Хамзали Струмица“, чии раст е за 53,23 проценти.
На второ место според порастот е акцијата на нашата нафтена рафинерија ОКТА, и тој изнесува 42,57 отсто во однос на 2022 година. Третата позиција ја има УНИ Банка чија акција има зголемување за 41,3 отсто, а четврта е НЛБ Банка, со 24,64 отсто. Фактор.мк ()