Живот 10.02.2025 13:26

Алатка за вештачка интелигенција за новинари претставена во Париз

Алатка за вештачка интелигенција за новинари претставена во Париз

Алатката за вештачка интелигенција (ВИ) за новинари наречена Спиноза беше претставена денеска пред Самитот за вештачка интелигенција во Париз.

Меѓународната невладина организација Репортери без граници (РСФ), со седиште во француската престолнина, посочи дека алатката покажува дека „одговорната употреба на вештачката интелигенција во редакциите е можна“ под услов да бидат вклучени новинари.

РСФ и француското здружение Алијанса за медиуми (Apig) заеднички започнаа проект во ноември 2023 година за развој на таква алатка. Двете организации ги објавија заклучоците од експериментот во извештај нешто повеќе од една година подоцна, а главната лекција е дека „првата алатка за вештачка интелигенција Спиноза функционира“.

Фокусиран на климатските прашања, прототипот се заснова на систем за истражување и синтеза, дизајниран да им помага на новинарите, а не да ги замени. Алатката е создадена во согласност со неколку етички принципи како што се веродостојноста на информациите, транспарентноста на изворите и почитувањето на авторските права.

Спиноза содржи неколку бази на податоци – повеќе од 28.000 статии, околу 1.000 содржини обезбедени од агенцијата Франс прс (соработник од јули 2024 година), научни и правни податоци од јавни тела и Агенцијата за животна средина и енергија.

– Резултатите се „повик да не се остави развојот на генеративната вештачка интелигенција (создавач на содржина) во рацете на технолошките играчи, чии економски приоритети и идеолошки предрасуди се разликуваат од потребите на медиумите“, рече генералниот директор на РСФ, Тибо Брутин.

Кодот за алатката ќе биде направен со отворен код на пролет за да им овозможи на „новинарите и програмерите да ја персонализираат и приспособат алатката на нивните потреби“.

Во експериментот учествуваа регионалната новинарска група Ебра, спортскиот дневен весник Л’екип (L’Equipe) и весникот Либерасион (Liberation). (МИА)