Економија 24.08.2018 16:50

АмЧам, Македонија 2025 и МАСИТ: Не е погоден момент за воведување прогресивно оданочување

АмЧам, Македонија 2025 и МАСИТ: Не е погоден момент за воведување прогресивно оданочување

Американската стопанска комора во Македонија – АмЧам Македонија, Македонија 2025 и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТсметаат дека не е погоден момент за воведување прогресивно оданочување на личниот доход, особено не во формата која што неофицијално беше имплицирана.
Оттаму оценуваат дека предложеното воведување прогресивно оданочување на персоналниот доход нема да го постигне посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост и ќе ја намали продуктивноста, вработливоста и развојот на квалификации, ќе се зголеми сивата економија и негативно ќе влијае на економскиот раст и развој.
– Нејасно е како ќе се распределат дополнителните средства собрани со зголемувањето на данокот на персонален доход – дали директно ќе се искористат за подобрување на социјалната нееднаквост или средствата ќе се користат за генерални расходи? Доколку се користат за генерални расходи, ефектот ќе се поништи бидејќи од истиот буџет се
субвенционира приватниот сектор. Доколку се користат директно за подобрување на социјалната нееднаквост и, како што најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се искористат за да се покачи износот на социјалната помош на 12ооо денари за четиричлено смејство, тогаш таквата мерка ќе доведе до зголемување на невработеноста, намалување на продуктивноста и ќе го дестимулира развојот на висококвалификуваните кадри, велат од  овие три организации.

Појаснуваат дека воведувањето на прогресивен данок ги таргетира висококвалификуваните и професионални кадри кои веќе се дефицитарни во Македонија. Според нив многу е веројатно зголемениот даночен товар да падне врз грбот на вработените наместо на работодавачите што ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима. Сметаат дека овие кадри се исто така и најголемите потрошувачи и со нивното заминување ќе се
намали економскиот раст.
Прогресивното оданочување дестимулативно ќе влијае на иновативните “смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата.
– Иновативните и брзорастечки компании, особено во ИКТ секторот, ќе бидат особено погодени од зголемените даночни обврски бидејќи тоа се индустриите во кои доходите се највисоки.
Дополнително, овие индустрии не ги исполнуваат условите за владините мерки за развој што води до двојно пенализирање на овој сектор- носител на економски раст, оценуваат од овие три организации.
АмЧам Македонија, Македонија 2025 и МАСИТ ги претставуваат ставовите и мислењата на повеќе од 200 од најголемите и најиновативни компании во Република Македонија и нудат ресурси и експертиза да го поддржат Министерството за финансии во изготвување сеопфатна даночна стратегија и реформа која во исто време ќе придонесе кон зголемување на бројот на даночните обврзници, подобрено собирање на даноците, правична распределба на средствата и зголемена социјална еднаквост без негативно да влијае врз севкупната економија и нејзиниот раст.

Најнови вести