Економија 16.08.2018 15:44

Американските компании на прво место според остварени приходи од оружје, според „Дефенс њуз“

Американските компании на прво место според остварени приходи од оружје, според „Дефенс њуз“

Според податоците на Меѓународниот институт за истражување во Стокхолм (СИПРИ), само во 2016 година сто водечки производители на оружје и воена опрема во светот оствариле 375 милијарди долари приход.

И додека СИПРИ сè уште ги нема објавено податоците за приход на компаниите во секторот на воената индустрија за 2017 година, тоа го направи специјализираниот портал за воени прашања „Дефенс њуз“. Тие составија листа на 100 најголеми компании според приходите што ги остваруваат од продажба на оружје и воена опрема.

Како што се очекуваше, доминираат големите американски компании, па тие заземаат пет од првите шест позиции. Прва е компанијата „Локид Мартин“, која е најпозната по производство на борбени авиони, особено моделите „Ф-35“ и „Ф-16“. Минатата година компанијата учествуваше со 47,985 милијарди долари во одбранбениот сектор, што е 10 отсто повеќе од 2016 година. Исто така, тоа е 94 проценти од вкупниот приход на компанијата.