Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ донира библиотека на Дневниот центар „Собата на Жозеф“ во Детската клиника – Скопје.
Специјализираната просторија за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести, опремена по иницијатива на Здружението
за борба против рак, „БОРКА – За секој нов ден“, официјално беше отворена денеска, 30 август.
Донацијата на „Арс Ламина – публикации“ содржи повеќе од 370 изданија наменети за најмладите: сликовници, книги за деца, боенки, дидактички помагала, едукативни и училишни материјали, како и списанијата за ученици „Мини Либи“ и „Либи“, на македонски и на албански јазик.
Со оваа библиотека децата ќе добијат свое книжевно катче во рамките на „Собата на Жозеф“, каде што ќе читаат, пишуваат, бојат и ќе прават разни активности и игри со едукативните и дидактичките материјали, помогнати од волонтерите и наставниците. Целта е тие да им помогнат на децата во учењето и да им влеат надеж дека ќе оздрават и еден ден ќе се вратат во училишните клупи заедно со своите другарчиња.
– „Арс Ламина“ со оваа донација ја продолжува својата мисија книгите да ги направи достапни за сите деца. Книгата е верен придружник на човекот во добрите и во лошите моменти од животот. Па, се надеваме дека барем за миг изданијата донирани во библиотеката ќе им го направат поиздржлив тешкиот период на лекување и ќе им ги оттргнат
мислите од секојдневието. Веруваме дека книгите ќе ги „однесат“ децата на убави патувања и ќе им дадат дополнителен мотив и надеж дека ќе се изборат со болеста и дека надвор од клиниката ги очекува светот. Квалитетни книги и образование е универзално право на секое дете, дури и кога е принудено, заради лекувањето, да отсуствува од училиште – вели Бранка Бугариска, директорката на издаваштво на „Арс Ламина“. Во пресрет на новата учебна 2018/19 година издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ се заложува да ги направи подостапни училишните материјали до најранливите социјални групи, донирајќи книги, учебници и дидактички помагала.