Непотизмот е главна карактерна одлика на оваа однародена и криминогена власт. Александар Кирацовски, во време кога е Генерален секретар на СДСМ си ја вработува својата сестра на работно место Советник во Централен регистар, со плата над 36.000 денари како што објавија дел од медиумите. Дојде живот за фамилијата на Кирацовски, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова е само продолжување на веќе познатата пракса за непотизам, која веќе ја видовме со вработувањето на ќерката на Талат Џафери и синот на Мирослав Грчев во АД ЕЛЕМ, мајката на Костадинов. Но и поделбата на високи суми на име на технолошки иновации на фирма на вицепремиерот Кочо Анѓушев, снаата на Цветанка Ласкова, Хари Локвенец и низа други. Вработувањето на сестрата на Кирацовски не е единствен пример за непотизам и влијание од страна на овој висок претставник на власта, како што пишуваат активисти на СДСМ на социјалните мрежи, а објавуваат медиумите дека Кирацовски неодамна си ја вработил и својата пријателка фризерка. Ова не го тврди ВМРО-ДПМНЕ ова го кажуваат видни партиски активисти на СДСМ, како што е Мери Николова. Од опозиција ветуваа законска селекција и достапност на секое работно место за секој граѓанин, а сега си ги вработуваат роднините и блиските на високо платени работни позиции во администрацијата, додека пак обичниот граѓанин без партиска книшка од СДСМ не може ни да помисли да аплицира и да дојде до работна позиција во администрацијата, вели Арсовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали работните места во администрацијата се достапни само за членови на СДСМ?
-Дали ова е достапноста на секое работно место до секој еден граѓанин? Дали се вистинити наводите во медиумите дека не може да има вработувања во РЕК Битола, Царина, ЈП Стрежево или во Општина Битола, а претходно човекот да не е во списокот на Кирацовски? Дали списокот на Кирацовски ја замени Агенцијата за администрација и тестовите кои се потребни за вработување? Доколку ова е случај, дали се ова европски стандарди кои што ги промовира СДСМ? Не, почитувани! Ова не се европски стандарди, ова се стандарди за непотизам од највисок ранг, ова се стандарди за клиентелизам и партиско полтронство, кои го тонат општеството и го влечат надолу. Непотизмот и криминогениот начин на работа мора веднаш да запре од страна на СДСМ. Граѓаните сакаат Република Македонија да биде држава во која Уставот и принципот на владеење на правото ќе се почитува. Токму затоа СДСМ мора веднаш да си замине од власта, бидејќи со оваа криминогена власт подобрување на состојбите во државата не се можни, истакна тој.