Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Тевдовски и СДСМ денеска јавно ја признаа неспособноста на оваа влада да креира Буџет, а со тоа и признаа дека се неспособни да ја работат својата работа.
-Катастрофалното триото Заев – Анѓушев – Тевдовски се фалеа дека проектирале високо ниво на капитални инвестиции, а не се способни да реализираат ниту 1/4 од предвиденото, што досега претставува историско најниско ниво на реализација на капиталните инвестиции. Не треба да чуди тоа што ММФ и Светска банка излегоа со драстично намалено проекции за стапката на економски раст за оваа година во споредба што владата очекуваше претходно. Тевдовски конечно проектира пониска стапка на раст од 2.8% до крајот на годината, спротивно на она што пред неколку дена го тврдеше неговиот шеф Заев, дека наводно ќе ги оствареле фамозните 3.2% кога ММФ ја намали стапката на раст за оваа година на ниски 1.6%, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој вели дека бизарно е и шизофрено префрлањето на вината од страна на Тевдовски на денешната прес кофнеренција во владата за потфрлањето на економскиот раст врз опозицијата од страна на владата која е неспособна да ја води економијата.
-Лошите резултати во економијата се директна последица на лошите економски политики на СДСМ. Недозволиво е реализацијата на капитални инвестиции за осум месеци да биде 23.3%, недозволиво е да имаме пад во градежништвото од околу 30 %, недозволиво е државата да се задолжува енормно, а граѓаните да немаат реален бенефит од тоа. Владата треба да одговори дали со лошото работење со економијата се доведени во прашање редовните исплати на пензии и социјални трансфери? И дали економијата на Република Македонија е пред крах и пред банкрот? Заев и Тевдовски не само што се покажаа неспособни да состават реален буџет, туку се гледа дека се неспособни да направат и ребаланс на не реално планираниот буџет за 2018 година. Владата требаше да му предложи на Собранието ребаланс на почетокот од јули, кога се виде дека реализацијата на капитални инвестиции е катастрофална. Она што владата на Зоран Заев го утврдила на синоќешната вонредна седница е премалку и за жал е предоцна! Значајна сума на средства прибрани од граѓаните и од претпријатијата преку даноци и други давачки, кои беа наменети за поддршка на економски раст преку капитални инвестиции, остануваат неискористени, без никаков ефект во економијата, изјави Арсовски.
Арсовски кажа дека Влада што не е способна да реализира проекти, подобро е да им ги остави парите на располагање на фирмите и на граѓаните одошто да им ги одзема а потоа да не знае што да прави со нив.
-Овој ребаланс е класично лицемерие од страна на владата, бидејќи го предлага, а и самата не знае дали истиот ќе стигне на собраниска седница. Со ова дополнително ја зголемува неизвесноста кај економските субјекти, која веќе е и доволно висока поради вештачката криза во која што СДСМ ја втурнаа државата, со неоткажувањето од правно – политички мртвиот договор за промена на името, изјави Арсовски.