Актуелно 12.07.2018 15:58

Арсовски: Зошто МВР и Спасовски го кријат третиот обвинет од случајот Саздовски, дали се создаваат околности за бегство на убиецот?

Арсовски: Зошто МВР и Спасовски го кријат третиот обвинет од случајот Саздовски, дали се создаваат околности за бегство на убиецот?

МВР веќе четврти ден го крие третото лице кое што било соучесник во злосторството и убиството на малиот Никола Саздовски – Саздо. Не се соопштува ниту неговиот идентитет, ниту се објавува негова фотографија за да биде пријавен од некој граѓанин доколку биде сретнат некаде за да може да биде изведено пред органите на правдата. Нема информации ниту каде бил виден последен пат, ниту дали е сеуште во земјава. Тоа што со сигурност се знае е дека сеуште нема објавено потерница од страна на Министерството за внатрешни работи, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Арсовски праша зошто МВР е целосно индиферентно кон третиот соучесник во убиството на малиот Никола Саздовски – Саздо? Дали зад ова се кријат политички мотиви? Дали третото лице има некакви врски со одредени моќници во власта?

-Дали некој чека да се создадат околности за бегство на убиецот и дали се добива на време за негово изготвување на нов идентитет со кој што ќе може да избега надвор од земјава? Дали треба да му се најде живеалиште и да биде засолнет како и претходниот убиец на младиот фудбалер Мартин Јанушев? Одговорот е јасен, 21 годишното момче беше брутално убиено, а од Оливер Спасовски нема ниту збор. Човекот само се заблагодари што се зголемил бројот на фановите на неговата фан страна, изјави Арсовски.

Тој вели дека со неоткривањето на деталите за свирепото убиство на младиот Саздовски, МВР на Оливер Спасовски станува само соучесник.

-Полицијата под водство на Спасовски, наместо заштитник на граѓаните станува заштитник на убијци и криминалци тоа го гледаме изминатиов период. Властите молчат и не кажуваат дали убијците биле сами во колата или постои и четврто лице кое ги превезувало убијците? Властите молчат каде избегале и кој ги заштитил убијците, а со тоа станал и соучесник. Властите неколку дена не преземаат ништо за расчистување на овој грозморен чин и случај. Како што не преземаа ништо ни за откривање на убијците на Мартин Јанушев, Дилавер Бојку Леку, Алит Абази или двете деца од Чаир, кои сеуште се на слобода, изјави Арсовски.

Арсовски кажа дека Скопје, но и целата држава наликуваат повеќе на Дамаск или Бејрут, но не и на европски град и држава, односно европска метропола. Тој кажа и дека Македонија е држава во која убијци шетаат на слобода, а криминалците вооружени шетаат и вршат пресметки меѓу нив секојдневно.

-Ова не се ниту НАТО, ниту ЕУ стандарди и вредности. Зоран Заев, Оливер Спасовски и СДСМ ја влечат државата назад. Граѓаните не се чувствуваат сигурно, тоа го гледаат секој ден, исплашени се за нивната безбедност, исплашени се и за нивните животи и животите на нивните најблиски. Власта не е способна да си ја изврши основната нивна функција, а тоа е заштита на граѓаните и гарантирање на нивната безбедност. Оливер Спасовски мора да си замине. Оливер Спасовски мора да си даде оставка уште веднаш. Тој веќе нема никаков морален кредибилитет да го води МВР и да биде негов министер. СДСМ мора да си оди од власта и овој криминален картел, и оваа власт која што има коалиција со криминал. Република Македонија заслужува да биде нормална држава, со функционален правен систем, но со СДСМ тоа е не возможно, изјави Арсовски.