Поседувањето автомобил е белег на американскиот начин на живот, но во 2024 година, се чини дека на таа љубовна приказна ѝ дојде крајот, бидејќи автомобилите станаа недостапни за милиони луѓе низ оваа голема земја. Животот воопшто поскапе по пандемијата, вклучувајќи ги и трошоците за автомобили, осигурувањето на автомобилите и поправките, пишува „Њузвик“.
Цените и на новите и на користените автомобили се искачија на рекордно високо ниво за време на пандемијата бидејќи автомобилската индустрија се соочи со прекини во синџирот на снабдување и недостиг од чипови. Од 2020 година, цените на новите автомобили се зголемени за 30 отсто, според податоците од апликацијата за купување автомобили „КоПилот АИ“. Во истиот период, цените на половните автомобили скокнале за 38 отсто.
Во 2023 година, цените на новите автомобили скокнаа за еден процент на просечни 50.364 долари, додека цените на половните автомобили паднаа за само 2 отсто, на просечни 31.030 долари. Но, како што стојат работите, автомобилите сѐ уште се многу скапи за многу Американци.
Според „КоПилот“, само 10 отсто од огласите за нови автомобили моментално се со цена под 30.000 долари. Работите не се многу подобри ниту на пазарот на половни автомобили, каде што само 28 отсто од огласите моментално се со цена под 20.000 долари.
Според извештајот на „Маркет воч“, на Американците им бил потребен годишен приход од најмалку 100.000 долари за да си дозволат автомобил. Тоа значи дека повеќе од 60 отсто од американските домаќинства во моментов не можат да си дозволат да купат нов автомобил, според податоците од пописот. За самците, бројките се уште полоши, со 82 отсто од луѓето под границата од 100.000 долари.
– Нема сомнеж за тоа, 2023 година беше една од најпредизвикувачките години за купување автомобил, особено за посовесниот потрошувач. Цените значително се зголемија во пролетта, поттикнати од самоуверените потрошувачи на горниот крај на пазарот и никогаш не закрепнаа целосно. Во повеќето марки и сегменти, цените на автомобилите едвај се оддалечија од нивото на кое ја започнаа годината. Кога ќе ги земете предвид и повеќекратните зголемувања на каматните стапки, немаше многу добри зделки за купувачите на автомобили – рече извршниот директор на „КоПилот“, Пет Рајан.
Џозеф Јун, аналитичар во водичот за купувачи на автомобили „Едмундс“, вели дека автомобилите едноставно поскапале, во ноември 2019 година просечната цена на трансакцијата за ново возило беше 38.500 долари. Во ноември 2023 година, таа бројка скокна на 47.939 долари. Нарушувањето на производствените синџири на снабдување поради пандемијата, како и прекумерната побарувачка на потрошувачите во 2021 година, навистина ги оптоварија резервите на возилата и значително ги зголемија цените.
– Дилерите практично имаа клиенти што чекаа да купат возила што не беа достапни. Прекините во синџирот на снабдување, исто така, ги принудија производителите да им дадат приоритет на попрофитабилните возила со повисока опрема во нивните асортиман, што значеше дека резервите достапни за купување исто така беа со повисоки цени – објасни Јун.
Карл Брауер, извршен аналитичар во „АјСиКарс“, за „Њусвик“ изјави дека се очекува цените на половните автомобили да продолжат благо да се намалуваат во 2024 година.
– Заостанатата побарувачка за нови и користени автомобили што порасна за време на пандемијата полека се затвора, но со повеќе од две години ограничено производство на нови автомобили, ќе биде потребно барем толку долго за да се достигне понудата. Макроекономските фактори, како што се инфлацијата и повисоките каматни стапки, исто така ја намалуваат побарувачката за возила, но не доволно за драстично намалување на цените на автомобилите во скора иднина – вели Брауер.
Но настрана од прекините поврзани со пандемијата, постојат и други причини зошто се чини дека нема подостапни автомобили во САД, вклучувајќи го и фактот дека производителите на автомобили сѐ повеќе се фокусираат на производство на скапи теренци додека го намалуваат производството на помали и поевтини возила што би чинеле 20.000 долари или помалку.
– Производителите ги наведуваат лошите продажни резултати како главни причини за исфрлање на помалите и попристапни возила од нивната линија. Но преференциите на купувачите на автомобили, исто така, драматично се префрлија кон поголеми возила во последните 10 години, а уште повеќе кон високотехнолошки и комфорни погодности во форма на камери, сензори, радар и големи мултимедијални екрани – објасни Јун.
За жал, сите овие карактеристики имаат значително повисока цена, која дури и честопати е повисока од просечната годишна плата на милиони Американци. ()