Финансии 21.09.2023 09:31

АЗИСКИТЕ БЕРЗИ ВО ЗАГУБА: Доларот зајакна, цената на нафтата падна

АЗИСКИТЕ БЕРЗИ ВО ЗАГУБА: Доларот зајакна, цената на нафтата падна

На азиските пазари цените на акциите се намалуваат четврти ден по ред, поради очекувањта американската централна банка да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго од проценетото.

Азиско-пацифичкиот индекс MSCI до 6:45 часот беше намален за 0,6 отсто, паѓајќи четврти ден по ред. На токиската берза индексот Никеи се лизна за 1,2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Хонг Конг и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,5 и 1,5 отсто. Така азиските берзи го следат вчерашниот пад на Волстрит. Dow Jones загуби 0,2 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,9 отсто, а Nasdaq индексот 1,5 отсто.

Очекувано, челниците на ФЕД вчера ги оставија непроменети клучните каматни стапки, по дводневната седница, но повеќето од нив проценуваат дека поради зголемената инфлација ќе треба да ги зголемат каматните стапки за 0,25 процентни поени во опсег од 5,50 до 5,75 отсто до крајот на годината.

Прогнозите на шефот на ФЕД покажуваат, од друга страна, дека каматните стапки би можеле да останат на покачени нивоа подолго од очекуваното. Имено, тие проценуваат дека каматите може да се намалат двапати следната година, два помалку отколку што очекуваа според јунските проценки. Така, следната година каматната стапка би се намалила за вкупно 0,50 процентни поени, на 5,1 отсто.

Инфлацијата се намалува, но не доволно брзо. Така, проценуваат лидерите на ФЕД, инфлацијата би можела да падне на 3,3 отсто до крајот на годината, што е пониско ниво од очекуваното во јунските проценки, но сепак далеку над целното ниво на ФЕД од 2 отсто. Инфлацијата може да падне на тоа целно ниво само во 2026 година.

Економијата, пак, се уште е силна, па ризикот од рецесија е намален. ФЕД ја зголеми проценката за растот на бруто домашниот производ (БДП) оваа година на 2,1 отсто, што е двојно повеќе во споредба со претходните проценки. Следната година растот би забавил до 1,5 отсто.

Стапката на невработеност годинава треба да биде 3,8 отсто, додека претходно се очекуваше да биде 4,1 отсто. На прес-конференцијата претседателот на ФЕД Џером Пауел рече дека е постигнат напредок во борбата против инфлацијата, но дека стапката треба да биде уште помала за да се каже дека инфлацијата е надмината.

– Банката на федерални резерви навистина не го заниша бродот. Тој рече дека економијата е силна и ги намали неговите проценки за бројот на намалувања на каматните стапки следната година, што сугерира дека каматните стапки веројатно ќе останат на покачени нивоа за подолг период“, рече Рајан Детрик, стратег во Carson Group.

Доларот зајакна, цената на нафтата падна

И на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна втор ден по ред. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава изнесува околу 105,59 поени, што е највисоко ниво од почетокот на март, додека вчера во овој момент изнесуваше 105,13 поени. Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 147,75 на 148,40 јени.

И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0630 долари, додека вчера во ова време беше 1,0680 долари. Цените на нафтата, пак, паднаа втор ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,69 отсто, на 92,85 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 0,74 отсто, на 89,05 долари.