Актуелно 09.10.2018 10:44

Багерите пристигнаа кај Мајчин дом, Марин дозволува богатење на сметка на здравјето на граѓаните, аеродромци на протест (ВИДЕО)

Багерите пристигнаа кај Мајчин дом, Марин дозволува богатење на сметка на здравјето на граѓаните, аеродромци на протест (ВИДЕО)

Багерите пристигнаа во текот на минатата ноќ на парцелата кај Мајчин дом во Аеродром, каде на место на зелена површина е предвидена градба на зграда на осум ката.

Аеродромци го потсетуваат градоначалникот Марин дека долго време ветуваше дека нема да дозволи градење на како што тие велат бетонски „монструм“ на осум ката на овој простор.

Сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин, пред да дојде на оваа функција бараше и вети повлекување на ДУП-от со кој се предвидува изградбата на зградата на овој простор, но состојбата на терен е сосем спротивна, тешка механизација пристигнува и се означува почеток на градба на она што градоначалникот на Аеродром жестоко го напаѓаше.

-Со овој ДУП, се предвидува уништување на зеленило, нова деветкатница на оваа зелена површина и нови згради покрај Вардар. Овие нови градби, ќе го сопрат струењето на воздухот и директно ќе придонесат кон загадувањето на воздухот, изјави Марин на 06.04.2017 година.

Марин тогаш кажа дека е јасно дека станува збор за нов удар на градежната мафија во Аеродром и праша:

Прво, дали е точно дека позади градбата кај Мајчин Дом стои Орце Камчев, кој неодамна преку фирмата Масив Контракшн ја купил парцелата?

Според овој извештај на Камчев Консалтинг Дооел, Масив констракшн е подружница на фирмата на Камчев. Токму тие ќе ја уништат оваа зелена површина од 3580 м2 на која стоиме сега. Јавно го прашувам Коневски, дали тој има бизнис интерес тука?

Второ, во чија сопственост е втората парцела кај Неоком? Дали е повторно станува збор за некој од бизнисмени ан ВМРО-ДПМНЕ? Ова мора да го одговори градоначалникот и да престане да се крие зад Фејсбук постови на општина Аеродром.

-Ваквите градби од бизнис интерес на власта на ВМРО-ДПМНЕ и Коневски се вистинска еколошка катастрофа за Аеродром. Спремен ли е Коневски да го ризикува здравјето на граѓаните на сметка на бизнис интересите? Свесен ли е дека со овие градби дополнително ќе се спречи струењето на воздухот покрај Вардар?, праша Марин пред една и пол година.

Тој тогаш побара итно повлекување на овој ДУП и заштита на интересот на граѓаните и нивното право на чист воздух, во исто време и ветувајќи дека ќе има преиспитување и одговорност за истиот.

-Ќе има преиспитување и одговорност за спорниот ДУП И10 во Општина Аеродром којшто беше изгласан тајно и без дебата, и со којшто за криминални бизнис интереси, Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ го уништуваат воздухот и здравјето на граѓаните, изјави Марин на 08.04.2017 година.

Марин за местото каде што сега дозволува градба обвинуваше и за договори со урбаната мафија од страна на општината.

Фејсбук страната „Сакаме Аеродром да дише“, побара оставка од градоначалникот Марин бидејќи не успеал да го оствари своето ветување.

-Златко Марин веднаш да се повлече од функцијата, затоа што не успеа да го исполни ветувањето кое го даде на Аеродромци! Парцелата пред Мајчин дом денеска е оградена и започнува изградба на осумкатница!, објавија на Фејсбук групата „Сакаме Аеродром за дише“.

Денеска аеродромци ќе излезат на протест поради изградбата на оваа зграда.

-Настанот за утрешниот протест е избришан од засега неразјаснети причини. Но ПРОТЕСТОТ НЕ Е ОТКАЖАН! Ова е чудовиштето што ќе никне на зелената површина кај Мајчин Дом. Ако мислите дека е навистина доста од градежниот хаос во Скопје дојдете и придружете ни се. Без разлика од која општина сте… Силувањето на градот мора да престане! Се гледаме утре во 5 пред Мајчин дом, во 6 пред Општина Аеродром!, објавено е на Фејсбук.

Во текот на ноќта пак преку пораки напишани кај просторот кај Мајчин дом граѓаните поставија прашање до градоначалникот:

-Марин колку пара лапна?, прашуваат граѓаните.

А во другата порака пак се вели:

-Гласав „ЗА“ уништување на зеленилото во Аеродром.