Актуелно 30.09.2018 21:16

Бајрами: Симболична бројката на пријави пристигнати до ЈОРМ

Бајрами: Симболична бројката на пријави пристигнати до ЈОРМ

Симболична е бројката на пријави пристигнати до привремената комисија формирана од Јавното обвинителство на РМ за евентуално противправности  при спроведувањето на референдумот. Генерално можам да заклучам дека атмосферата беше мирна, немаше поголеми нарушувања на редот и мирот за време на гласањето во текот на денешниот ден. Можеме да заклучиме дека денешното гласање на референдумот е едно од најмирните денови на гласање во последните изборни циклуси, било да се парламентарни или локални избори, рече вечерва на прес-конференција јавниот обвинител на РМ и претседател на Комисијата, Џељаљ Бајрами.

Тој посочи дека попладнево после 14 часот заклучно со 19 часот во Вишото јавно обвинителство во Гостивар пријавени се два настани по кој постапувало ОЈО Гостивар.

Како што појасни Бајрами, во првиот случај пријавено е фотографирање на гласачи од возило во кое биле неколку лица. Возилото било идентификувано, а две лица се приведени. Во вториот случај пријавено било дека гласач го изгужвал и го искинал своето гласачко ливче, а потоа вознемирен бара да му биде дадено ново ливче за гласање кое не било дозволено од страна на избирачкиот одбор. За двата случаи дежурниот јавен обвинител издал насоки за натамошно постапување за утврдување на фактите.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје во посочениот период од 14 до 19 часот исто така имало две пријави за сторени противправности.

– Во ОУ „Кочо Рацин“ имало обид за фотографирање од страна на едно лице кое за таа цел употребило електронски уред – пенкало со камера. Во средното угостителското училиште „Лазар Танески“ набљудувач фотографирал лице кое стоело во редот за гласање, рече Бајрами и додаде дека овие два случаи ќе бидат проверени од ОЈО Скопје, ќе се обезбедат докази и ќе се одлучи дали во пријавените настани има елементи на кривични дела кои се гонат по службена должност.

Јавниот обвинител Бајрами истакна дека ОЈО Скопје постапува  по поднесени кривични пријави од страна на политичка партија кои се однесуваат на евентуални противправности при гласање во општина Шуто Оризари. Втората пријава од политичката партија се однесува на испратени СМС пораки преку повеќе телефонски броеви поврзани со остварување на правото на гласање. И за овој случај, рече Бајрами, Обвинителството веднаш издаде наредби за прибирање на потребните податоци, расчистување на настаните.

На новинарско прашање Бајрами посочи дека овие пријави се пристигнати од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пристигнати се и пријави за по еден случај на подрачјето на ВЈО Штип, како и настан во село Мислешево, струшко. (МИА