Во јавноста излегоа информации дека растот на БДП за вториот квартал годинава изнесува 3,1 % за разлика од првиот квартал каде растот беше безмалку нула односно 0,1%.
Сепак доколку се погледне одблиску јасно е дека економијата се потпирала најмногу на личната потрошувачка односно на домаќинствата кои потрошиле 2% повеќе пари и учествуваат скоро со 70 % во БДП. Економскиот раст во вториот квартал најмногу е граден од сектори како „Уметност, забава и рекреација“ и „Дејности на домаќинствата како работодавачи“ кои бележат раст од скоро 14%, додека трговијата на големо и мало се зголемила за 12.7%.
Како и да е експертите велат дека загрижувачки е фактот што секторите како градежништво, бруто инвестиции и земјоделие никако да закрепнат односно постојано тонат.
Овие сектори се круцијални за македонската економија и за нејзиниот понатамошен раст и нивната стагнација и намалување воопшто не е добар знак.
Имено, според податоците градежништвото по пад од огромни 40 % во првиот квартал никако да закрепне, овој сектор бележи намалување за скоро 13 % и во вториот квартал. Градежништвото е круцијална гранка во македонската економија бидејќи неговиот раст покажува колку се градело во изминатиот период. Македонија заостанува на ова поле во поглед на стратешките проекти и капитални инвестиции а тоа го потврдува и фактот што во финансискиот извештај на Министерството за финансии капиталните трошоци за првите 7 месеци од годината се очајни 21,3 %. Ова зборува дека Македонија не гради стратешки проекти во инфраструктурата кои се стимул за економијата и секако се од огромно значење на долг рок од стратешка гледна точка.
Исто така и земјоделието стагнирало што е основна гранка во македонската економија и на кое се потпираат огромен број на луѓе за лична и основа егзистенција.
Бруто инвестициите исто така имаат пад од 11,3 % додека извозот пораснал што според економистите е резултат на странските инвестиции кои дојдоа во Македонија во последните 10 години.
Сепак владата вели дека растот од 2,3 % е возможен да се достигне но експертите велат дека треба да се почека третиот квартал за да се дадат сигурни проекции каков ќе биде растот на БДП за 2018, но сметаат дека доколку продолжи стагнацијата на градежништвото, земјоделието и инвестициите тоа тешко дека ќе се случи.