Плусови и минуси на Берзата во април. Генерално, сликата е позитивна, со раст кај прометот, трансакциите, на пазарната капитализација и на основниот индекс. Падови има во класичното тргување. А, константа е интересот што инвеститорите го покажуваат кон акциите на банките. Во топ пет најтргувани се хартиите од вредност издадени од три банки, кои се распоредени на непарните позиции. На оваа листа нема промени во редоследот на врвот – Комерцијална банка, па „Алкалоид“.
Во 542 трансакции истргувани се 10.140 акции на Комерцијална банка. Притоа, остварен е промет од 183.571.646 денари, односно 2.985.186 евра. Постигната е просечна цена од 18.103,71 денар. Во структурата на прометот партиципира со високи 48,64 проценти.
Во април со акциите на „Алкалоид“ е реализиран промет од 73.052.265 денари или 1.187.959 евра. За тој износ се истргувани 3.570 акции по просечна цена од 20.462,82 денари. Берзанската статистика бележи 295 трансакции и удел во структурата на прометот од 19,36 проценти.
Со акциите на НЛБ банка се направени 136 трансакции, во кои е истргувана количина од 953 акции. Просечната цена за акција е 39.381,82 денари. Со забележаните 37.530.872 денари/610.320 евра, во вкупниот промет партиципира со 9,94 проценти.
Редовен на оваа листа е и „Макпетрол“, чија акција во април е со просек од 69.448,09 денари. Истргувани се 325 акции, со кои е остварен промет од 22.570.629 денари, што е противвредност на 367.042 евра. Уделот во структурата на прометот е 5,98 проценти. Сето ова е постигнато преку 117 трансакции.
Првата петорка се заокружува со истргуваните 13.944 акции на Стопанска банка Скопје преку 104 изведени трансакции. Епилогот е промет од 22.046.432 денари или 358.513 евра. Просечната цена за акција е 1.581,07 денари, а нејзиниот удел во структурата е со 5,84 проценти.
Податоците од месечниот статистички билтен на Македонска берза покажуваат дека по растот од 2,51 насто, пазарната капитализација во април е 270.208.978.495 денари (4,38 милиони евра). Вкупниот промет изнесува 662.800.312 денари (10,75 милиони евра) и во однос на март е зголемен за 4,60 проценти. Кај трансакциите е запишана бројка од 1.518 и плус 3,69 проценти. Зголемен, за 3,18 насто е основиот берзански индекс МБИ10, кој изнесува 7.292,01.
Сепак, пад има во класичното тргување, каде што прометот во споредба со март е намален за 17,36 отсто и е во износ од 381.766.082 денари (6,19 милиони евра). Негатива од 9,22 проценти има кај остварениот промет со акции – од 379.763.673 денари (6,16 милиони евра). Најголемиот минус е забележан во тргувањето со обврзниците, од 95,41 отсто. Од мартовските над 707 илјади евра, прометот во април паднал на само 32,5 илјади евра или 2.002.409 денари.
Во овој сегмент плус има кај блок трансакциите. Прометот во април е со раст од 63,7 насто и изнесува 281.034.230 денари (4,56 милиони евра), кој е направен во 14 трансакции, каде што зголeмувањето е за 27,27 проценти.
Во структурата на прометот блок трансакциите партиципираат со 42,40 проценти. Целината ја сочинуваат и уделот од 57,25 отсто на официјалниот пазар и 0,35 проценти од редовниот пазар.