Финансии 29.06.2018 14:27

Биткоинот падна под лимитот од 6.000 долари

Биткоинот падна под лимитот од 6.000 долари

Биткоинот забележа пад под 6.000 долари денеска, насочувајќи се кон втор месец со пад од околу 20%, бидејќи побарувачката за најголемата криптовалута по пазарна капитализација страда од грижи поврзани со безбедноста и регулацијата, соопштува „Bloomberg“.

Дигиталната валута падна на околу 5.581 долари (според комбинираните цени на „Bloomberg“) на почетокот на денот, а потоа малку се опоравува. Значи, биткоинот дојде до најниско ниво од ноември.

Другите криптовалути, вклучувајќи ги етериумот, рипле и лајткоин, исто така, забележаа пад на цената. Сите тие ќе го испратат јуни со тренд на намалување од околу 20% или повеќе.

Довербата во криптовалутите е ставена под притисок оваа година по хакерските напади во Јапонија, Јужна Кореја и во други земји, што покренуваат многу безбедносни прашања.

Во исто време, централните банки и другите регулатори низ целиот свет предупредија за можноста за губење на инвеститорите и за опасностите од измама. Ова фрла сенка на пазарот во првата половина од годината, откако биткоинот почна да се тргува на берзата во Чикаго.

Биткоинот чие поевтинување е со речиси 60% од почетокот на оваа година, беше прогласен за „шпекулативен балон“ од носителот на Нобеловата награда за економија, Роберт Шилер.

Околу пладне по македонско време биткоинот се опорави до малку над 5.900 долари за готово, но останува под границата од 6.000 долари според податоците на „CoinDesk“.