Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, веќе трета година ја мери транспарентноста, отчетноста, вклученоста и правичноста на општинските буџети преку Индексот за отворени општини (ИОО). Уште при креирањето на првиот ИОО претседателот на ЗМАИ Виктор, изјави дека индексот се прави со цел истиот секоја година да има подобар резултат.
-Целта на Индексот не е да ги критикуваме општините. Напротив, ние им даваме насока, кои параметри се потребни за да можат да обезбедат соодветно ниво на отвореност на буџетските процеси. Задоволни сме дека по само три години, соработка со општинските администрации гледаме напредок. Иако, сеуште има простор за напредок, бидејќи немаме општина со високо ниво на отвореност, односно 80 поени на индексот. Сепак, според она што го гледаме ако општините продолжат во оваа насока, веќе следната година можеме да очекуваме и такво нешто. Се надеваме дека ќе се направи еден здрав натпревар меѓу општините, и тие ќе се трудат да ги „победат“ останатите во поотворени Буџетски процеси. Драго ни е што немаме повеќе општини со 0 поени, тоа значи дека гласот на јавноста, сепак стигнува до сите.– вели Виктор Митевски. Тој додава и дека особено ни е драго дека нашата работа е препознаена и надвор од Македонија. Од годинава заедно со Меѓународниот центар за локална демократија од Шведска ЗМАИ ќе изготвува Индекс на отвореност на општините за Африкански општини во Кенија, Зимбабве и Уганда.
Индексот претставува сеопфатен, композитен индикатор кој го следи и оценува процесот на буџетирање на една општина за една фискална година на скала од 0 до 100.
Целта на овој извештај е да ја прикаже состојбата на отвореноста на општините во Република Северна Македонија преку ИОО за 2022 година. Резултатите покажуваат дека просечната вредност на ИОО за 2022 година е 35,2, односно отвореноста на општинските процеси е на минимално ниво. Од друга страна, поставените стандарди за отвореност покажуваат дека општината мора да има индекс од барем 61 за да има задоволително ниво на отвореност. Вкупно осум општини (Битола – 77.8, Валандово – 75.1, Крива Паланка – 75.0, Делчево – 70.6, Центар – 66.2, Струмица – 65.6, Богданци – 65.6 и Берово – 61.7) имаат задоволително ниво на отвореност. Вкупно 13 општини имаат доволна отвореност на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 41 и 60). Најголем број од општините по бројност се општините со минимална отвореност (вкупно 49) на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 21 и 40). Недоволно ниво на отвореност имаат дури 11 општини. Сето ова посочува дека најголемиот дел од општините имаат минимална отвореност на општинските буџети кон граѓаните во 2022.
Акцентот на процесите на локалниот буџет е претставен преку три области: Транспарентност – го мери/испитува степенот до кој е познат на јавноста буџетскиот процес, од подготовка, преку усвојување, до спроведување.
Вклучување и правичност – вклучувањето испитува како и колку граѓаните, особено маргинализираните групи, се вклучени во буџетскиот процес, т.е. ако се во можност да го изразат своето мислење за локалниот буџет и дали се зема впредвид нивниот глас. Еднаквоста испитува како се застапени маргинализираните групи во различните фази на буџетскиот процес.
Отчетност – го оценува прикажувањето на резултатите од работата на локалните власти и на целиот буџетски процес пред граѓаните.
ЗМАИ продолжува, заедно со општините да ја промовира и развива отвореноста на општинските буџетски процеси, а мерењето на постигнувањата преку индексот ќе продолжи и во годините кои следат.