Економија 29.01.2019 11:22

Бизнис економистите во САД оваа година не очекуваат рецесија

Бизнис економистите во САД оваа година не очекуваат рецесија

Поголемиот дел од бизнис економистите во САД не очекуваат рецесија во земјата во следните 12 месеци, но прогнозираат забавување на економскиот раст во оваа година. Ова се наведува во една студија на Националната асоцијација за бизнис економија.

Според податоците речиси две третини од испитаниците сметаат дека економијата ќе продолжи со раст во оваа година и тој ќе стане најголемиот долготраен и рекорден за американската историја со зголемување на бруто домашниот производ по повеќе од 10 години.

Сепак, објавените податоците од анкетата покажуваат општа увереност дека темпото на економски раст ќе забави. Многу мал дел од економистите велат дека компаниите известуваат за раст во продажбата и малкумина очекуваат зголемување на профитот во споредба со претходното истражување на асоцијацијата во октомври. Корпоративните инвестиции во нова опрема, исто така се намалија.

Многумина од испитаниците тврдат дека економската политика на претседателот на САД, Доналд Трамп влијаела маргинално на бизнис плановите. Мнозинството меѓу нив – 84 проценти – сметаат дека намалувањето на даноците од американскиот претседател во 2017-та година, што значително го омекна даночниот товар врз корпорациите, не успеало да влијае на нивните планови за нови вработувања или за инвестиции.

Резултатите покажуваат поопшта шема. Се чини дека економијата е забавена, бидејќи влијанието на намалувањето на даноците на Трамп е ослабено. Растот на вработеноста е стабилен, но берзите претрпеа шокови и глобалниот раст се влоши.

Темпото на продажба на станови е ослабнато и 2019-та година ја започна со голема неизвесност, откако американската администрација престана делумно со работа во период од 35 дена.

Студијата на Националното здружение за бизнис економија, што се одржува на секое тримесечје од 1982-ра година, се базира на одговорите на 106 економисти кои се вработени во компании или индустриски трговски здруженија.