6 милиони евра изнесува само штетата во ИТ секторот поради оние што затајуваат данок. Градежништвото со години има проблем со нелојалната конкуренција, а во Македонија работат цели нерегистрирани индустриски погони.
Компаниите масовно затајуваат данок, физичките лица што работат исклучиво во кеш им ја земаат работата на регистрираните фирми, сивата економија цвета, а Законот за прекршочна постапка со кој треба да се санираат овие состојби се уште не е ниту во нацрт верзија. Намалувањето на глобите и борбата со нелојалната конкуренција беа едни од главните ветувања на власта во предизборниот период кои се уште не се реализирани. Од Управата за јавни приходи велат дека инспекторите редовно излегувале на терен и тоа на цела територија на земјава и покрај тоа што бизнисот обвинува за селективност. Од УЈП сметаат дека и покрај глобите, кај многу од фирмите нема никаква даночна дисциплина, па редовно ги прават истите прекршоци.
За бизнисот сивата економија и нелојалната конкуренција земале замав во последните неколку години. Некои ја искористиле политичката криза за да заработуваат на грбот на оние што редовно плаќаат даноци, а состојбата особено ескалирала во последниов период. Стопанствениците велат дека штетите во ИТ индустријата се најголеми – 6 милиони евра годишно, алармантна е состојбата и во градежништвото, но според нив загрижува тоа што и во индустријата работат цели нерегистрирани погони. Велат ако ова продолжи, и оние што легално работат ќе се префрлат во сивата зона.
Цените на производите од нелојалната конкуренција некаде се за дури половина пониски од другите, буџетот е оштетен за милионски суми, па затоа нема доволно пари за инвестиции во важните сектори како здравство и образование. Бизнисот бара итни мерки бидејќи сивата економија во земјава, според Европската Унија достигнува и до 40%, за разлика од западноевропските држави каде овој процент е на ниво до 15 отсто.
Извор: Алфа