Актуелно 15.06.2018 11:16

Божиновски: Охриѓани и туристите жртва на поскапиот паркинг во Охрид, кој нема за цел воведување ред во паркирањето, туку само профит

Божиновски: Охриѓани и туристите жртва на поскапиот паркинг во Охрид, кој нема за цел воведување ред во паркирањето, туку само профит

Од ВМРО-ДПМНЕ Охрид обвинуваат дека не се воведува ред во паркирањето, туку профит со проширување на зоните и поскап паркинг со новата одлука за зонско паркирање на локалната самоуправа.

-СДСМ и градоначалникот Стојаноски со нивното безидејно неразумно однесување не се повеќе гласот на граѓаните и не се за поубав и просперитетен Охрид. СДСМ досега само спроведува планови за поскапување, зголемени трошоци за живот и осиромашување на охриѓани. И покрај предупредувањата и апелот до Градоначалникот и советниците на последната седница на Совет да не се гласа скандалозната одлука на ЈП „Билјанини Извори“ за поскап паркинг и проширување на зоните, после неколку часа дискусија и тоа на толку лесен начин истата беше изгласана. Со одлуката сега ќе трпат станоиздавачите, угостителите и жителите на Стар град, улица „Јане Сандански“, булевар „Туристичка“ но и целиот Охрид, изјави Перчо Божиновски, шеф на Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

Божиновски вели дека ВМРО-ДПМНЕ се обиде на секаков разумен начин да им ја објасни штетноста на одлуката која е против интересот на граѓаните.

-Не се воведува ред во паркирањето, туку профит за ЈП „Билјанини извори“. Со новиот систем за наплата на паркирањето преку СМС фирмата изработувач на софтверот надвор од Законот веќе има потпишано договор со јавното претпријатие „Билјанини извори“, а одлуката не е помината на Совет. По изгласувањето на точката советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата во знак на револт. Не може тоа да се прави без пилот-проект и во туристичка сезона, не може да се прави без сообраќајна студија надвор од сите законски норми. Ова е уште еден голем удар врз охриѓани и гостите. Повторно успеавте да ги зголемите трошоците за живот на охриѓани и трошоците на престојот на гостите кои го посетуваат Охрид, изјави Божиновски.

Тој порача дека Охрид и охриѓани заслужуваат подобро!