Британската нискобуџетна авиокомпанија „Изиџет“ изгубила 15 милиони фунти (19 милиони долари) за само 36 часа патнички хаос предизвикан од дроновите забележани во декември над пистата на аеродромот „Гетвик“ во Лондон.
Од британската авиокомпанија соопштија дека од ваквиот инцидент засегнати биле 82 000 патници, а откажани биле над 400 летови во пресрет на Божик, објави агенцијата „Ројтерс“.
Поради тоа компанијата изгубила пет милиони фунти во приходи, а помошта за клиентите во таквите вонредни услови чинела уште десет милиони фунти.
„Разочарани сме што требаше толку многу време за да се реши оваа ситуација. За аеродромите, ова беше повик за акција и ќе биде подобро убаво да се подготват за во иднина“, рече извршниот директор на „Изиџет“, Јохан Лундгрен.
Меѓутоа, групацијата изнесе оптимистичка проценка поврзана со резервациите на авионски билети во 2019 година, кои, како што е соопштено, охрабруваат и покрај несигурностите поврзани со брегзит.
Во декември аеродромот „Гетвик“ беше принуден да затвори една од своите писти цел ден бидејќи беше забележано како над неа прелетуваат два дрона.