Актуелно 16.07.2018 13:22

Буџетот на МРТ за 2018 ќе се зголеми за три милиони евра

Буџетот на МРТ за 2018 ќе се зголеми за три милиони евра

Собраниската Комисија за транспорт и врски денеска го прифати предлогот за ребаланс на Буџетот на Македонската радио телевизија, со што за оваа година на сметката на јавниот радиодифузер ќе легнат уште околу три милиони евра.

За 2018 година првично беше планирано МРТ да добие 700 милиони денари, а со ребалансот овој износ се зголемува за 186 милиони 550 илјади денари односно вкупниот буџет на МРТ сега ќе биде 886 милиони 550 илјади денари.

Пратениците од владејачкото мнозинство истакнаа дека ребалансот се прави врз основа на првичната проекција на средства за оваа година, оти е законски и потенцираа дека дел од средствата се наменети и за сервисирање на стари долгови на МРТ.

Диме Велковски од СДСМ потенцираше дека измените на Буџетот се прави законски и оти МРТ има поголем буџет од Министерството за информатичко општество и администрација и апелираше што поскоро да се донесе законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој Владата нуди решение за финансирање на МРТ. За овој закон се поднесени седумдесетина амандмани, а Комисијата разгледала само неколку. Продолжение на седницата не е закажано бидејќи владејачкото мнозинство и опозицијата не се усогласени за одредени прашања меѓу кои и изборот на членови на Советот на МРТ.

Опозициските пратеници, пак, иако го поддржаа предлогот, обвинија дека предупредиле дека МРТ ќе се соочи со финансиски проблеми со укинувањето на радиодифузната такса.

Слаѓана Митовска од ВМРО – ДПМНЕ рече дека парите потрошени за прославата, како што рече околу 400.000 евра, што ја организираше Владата за НАТО и за купување нови автомобили би можеле да се дадат за МРТ и за социјално ранливите категории во земјата.

Ребалансот на буџетот на МРТ треба да биде изгласан и на пленарна седница