Американскиот производител на машини „Caterpillar“ објави послаба добивка од очекуваната од страна на аналитичарите во четвртиот квартал и ја намали прогнозата за целата 2019-та. Таа беше погодена од доцнењето на градежниот бизнис во Кина, пренесува „Ројтерс“.
При објавувањето на резултатите во октомври минатата година, „Caterpillar“ се обиде да ги смири загрижените инвеститори поради доцнењето во Кина и на глобалното ниво, но оттогаш голем број на компании, меѓу кои „Apple“ и „FedEx“ предупредија дека ќе настрадаат од „ладењето“ на кинеската економија.
„Caterpillar“ соопшти дека во четвртиот квартал нејзините единици во сите региони регистрирале раст на приходите, а најголемо е зголемувањето во Северна Америка – нејзиниот најголем пазар по вредност.
Но продажбата во градежниот бизнис во азиско-пацифичкиот регион се намали поради слабата побарувачка во Кина.
Минатата недела Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали прогнозата за растот на светската економија за втор пат во рок од три месеци, а Кина потврди дека растот во минатата година бил најмал по 28 години, бидејќи трговската војна со САД силно влијаела на индустриско производство.
„Caterpillar“ објави профит од 2,55 долари за акција, што е далеку под очекуваните од аналитичарите 2,99 долари, покажуваат податоците на „Refinitiv“.
Вкупните приходи од продажба се зголемија за 11 отсто на 14,34 милијарди долари.
Компанијата предвидува добивка за 2019-та година од 11,75-12,75 долари за акција, наспроти просечните очекувања на аналитичарите за 12,73 долари, според податоците на „Refinitiv“.