Економија 20.12.2018 21:05

Цената на нафтата во драстичен пад

Цената на нафтата во драстичен пад

Цената на нафтата падна за повеќе од четири проценти денес, на најниско ниво за повеќе од една година, поради загриженоста за вишокот на понудата и ниската побарувачка.

Намалувањето на цените на нафтата, исто така, беше под влијание на колапсот на светските берзи, што се случи по одлуката на ФЕД за зголемување на каматната стапка, објави Ројтерс.

Американската “лесна” нафта (WTI) поевтини во еден момент за 2,35 долари за барел или 4,9 проценти, по цена од 45,82 долари, за потоа да закрепне нешто  околу 46,50 долари, додека северноморската нафта “Брент”  поевтини за 2,60 или 4,5 отсто, на 54,64 долари за барел, што е најниско ниво од септември 2017 година.

Организацијата на земјите-извознички на нафта (ОПЕК) и другите производители на нафта се согласија овој месец да го намалат производството за 1,2 милиони барели дневно, во обид да ги зголемат цените.

Сепак, намалувањата нема да бидат реализирани до следниот месец, а во меѓувреме е регистрирано рекордно производство во САД, Русија и Саудиска Арабија, што ги намали цените на нафтата.