Актуелно 30.07.2018 11:34

Членовите на ДИК стапуваат на функција

Членовите на ДИК стапуваат на функција

Свечени изјави во Собранието на Република Македонија денеска ќе дадат новоизбраните членови на привремениот состав на Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го организира есенскиот референдум за името.

За членовите на ДИК гласаа пратениците од сите партии, а седницата се одржа по деблокирањето на процесот на лидерската средба минатиот понеделник. Партиите се договорија привремениот состав на ДИК да биде избран по стариот модел односно со членови предложени од партиите со најмногу освоени гласови на последните избори.

Претседателот на Комисијата Оливер Дерковски во изјава за МИА во петокот кажа дека првите активности на Комисијата ќе бидат нејзиното конституирање, а потоа и спроведување на референдумот за името. Деркоски, кој на чело на комисијата доаѓа на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели дека членовите на ДИК во оваа ситуација не можат да заземаат политички ставови туку треба да ги почитуваат законите и Уставот.

Во однос на активностите за референдумот, Деркоски вели дека согласно Законот за референдум овластениот предлагач, во овој случај Собранието на Република Македонија, треба да ја донесе одлуката за референдум, па потоа оперативно ДИК согласно членот 31 од Законот за референдум да ги преземе своите надлежности околу организација и техничките подготовки на самиот референдум, односно спроведување на одлуката.

Дерковски рече дека, без разлика што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, тој и сите останати членови на ДИК се членови на државен орган што има одредени задачи, овластувања и надлежности.

– Политички ставови во овој момент и во оваа ситуација не можеме да заземаме, бидејќи треба да ги почитуваме позитивните законски прописи и Уставот на Република Македонија, рече Деркоски.

Потпретседател на ДИК е а Дитмире Шеху предложена од ДУИ. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса се членови на највисокото изборно тело во државата.

Членовите на ДИК првично требаше свечени изјави да дадат во петокот, но поради активности на претседателот на Собранието тие беа одложени за денеска.

МИА

Најнови вести