Во Црна Гора, според последните податоците, има 77 граѓани кои на сметките во домашните банки имаат повеќе од милион евра, пишува РТЦГ.
Од нив, “најдебелата“ сметка има 50,3 милиони евра, но од централната банка на земјата не го откриваат неговото име. “Најголемиот поединечен износ на депозит на физичко лице изнесува 50,281 милиони евра и припаѓа на резидент“, велат од централната банка на Црна Гора.
Депозити во износ од еден до пет милиони евра имаат 73 граѓани, еден има депозит во висина од пет до десет милиони евра, а тројца граѓани поседуваат депозити поголеми од 10 милиони евра. Најбогатиот милионер е “појак“ за над 20 милиони евра од најголемиот депозит на правно лице во Црна Гора.
Бројот на милионери во оваа земја има тенденција на пораст, бидејќи во 2017 имало 64, а во 2016 година десет помалку.