АПСТРАКТНА ОКУПАЦИЈА. На денешен ден (1941) започна Народно-ослободителната војна (НОВ) во Македонија. Меѓутоа, не се „знае“, т.е. не се спомнува (ни за жива глава) против чија окупација се крена македонскиот народ, ниту врз чиј участок бил нападот, зашто (можеби!) некој ќе се почувствува погоден, па ќе се подналути/навреди и, на тој начин, ќе се наруши постулираната идила за добрососедските односи, која на необичен начин се вгнезди во нечии глави, кои изумуваат дека не може да се има добрососедски односи, сѐ додека нечии гревови не се признаат за тоа што се – за гревови кон македонскиот народ. Значи, се работи за самоисповед на секоја од соседните држави, која извршила окупација врз оваа сегашна државна територија и која и понатаму, сеедно на фактите, не го признава постоењето на македонската нација.
За разлика од молчаливоста/срамежливоста на македонските власти и некои интелектуалци, во Велика Британија, Франција, САД… отворено се говори за нивната борба во Втората светска војна. Ниту еден Американец, како и неговата држава САД, немаат намера да го заборават ј а п о н с к и о т напад врз Перл Харбор, ниту борбите што ги војувале по Пацифистичките острови, како што е островот Иво Џима. Од тој комплекс не страдаат ниту Британците, ниту Французите. Доволно е да се погледа британскиот филм „The Guernsey Literary and Potato Peel Pie Society“ (2018) или францускиот филм „Sarah’s Key/Elle s’appelait Sarah)“ (2010). Во нив нема стеснувањање/воздржување да се спомне фашизмот со име и презиме, односно со конкретен државен/национален предзнак. Единствено Македонија била окупирана и се борела против некаков апстрактен фашизам – вонвременски и надвор од која била државна припадност.
Нека е честит 11-ти Октомври, кога македонскиот народ се крена против бугарската, германската и италијанската окупација“, пишува проф. Љубомир Цуцуловски на својата ФБ страна.