Германскиот производител Дајмлер објави дека оперативната добивка на крајот на годината ќе падне за најмалку 10%, што претставува второто такво предупредување за оваа година. Според изјавата на концернот, причините за ова се „владините процедури за ограничување на дизел автомобилите во некои региони“.
Дајмлер ги предупреди инвеститорите дека очекуваат приходите оваа година значително да се намалат во однос на минатата година. Ова особено ќе влијае на Mercedes-Benz Cars, чии автомобили продолжуваат да уживаат голема побарувачка од потрошувачите, но различните регулаторни и судски одлуки за ограничување на дизел моторите имаат големо влијание.
Концернот ќе изгуби околу 400 милиони евра поради одлуката на Европскиот суд на правдата за забрана на „R134a“, кој се користи во клима-уредите на Mercedes-Benz. Дајмлер, исто така, ги истражува емисиите на своите дизел мотори во Европа и во САД. Згора на тоа, главниот извршен директор на концернот Дитер Цетче најави дека ќе се повлече од функцијата во 2019 година, што исто така влијае на цената на акциите на компанијата.
Предупредувањето за намалување на профитот доаѓа во позадина на конфликтот меѓу германската влада и производителите на автомобили кои се принудени да прават огромни трошоци за поставување на нови системи за прочистување на дизел моторите, како и за поправка на старите. Во мај обвинителството во Штутгарт ги претресе канцелариите на Дајмлер поради сомневања за користење на софтвер за манипулација со дизел мотори, а истрагата продолжува и во моментов.