Вработените во приватниот сектор, до крајот на годината ќе добијат регрес за годишен одмор попознат како К-15 во износ од минимални 9.610 денари.
Според податоците за движењето на нето/бруто платата по вработен, К-15 за оваа година ќе се движи од 9.610 денари (40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци) до 14.090 денари (40 отсто од износот на просечната бруто плата во последните три месеци).
Дали имате право на К-15 ако секој месец потпишувате договор?
Кога и како се стекнувате со право на регрес за годишен одмор или популарно наречено К-15, еве што вели законот:
Прашање: Доколку вработениот е пријавен на определено време со договор на еден месец, кој се продолжува секој месец (од почетокот на годината и сè уште трае повеќе од шест месеци континуирано), дали му следува К15?
Според Законот за работни односи, право на користење на регрес за годишен одмор имаат сите вработени лица кои имаат остварено минимум шест месеци непрекинат работен стаж кај работодавецот во тековната година, без разлика дали вработениот е пријавен во компанијата на неопределено или определено време.
Регресот за годишен одмор е поврзан со правото на користење на годишен одмор на работникот. Доколку работникот е пријавен на пола работно време (20 часа неделно), му следуваат најмалку 10 работни дена годишен одмор (член 48, став 4 од Законот за работни односи на РМ) и исплата на половина износ од утврдениот регрес.
Во случај кога работникот е пријавен на цело работно време (40 ч. неделно), му следуваат најмалку 20 работни дена годишен одмор, а најмногу 26 работни дена (член 137, став 1 и став 2) и исплата на целиот износ за регрес, кој е утврден со одлука во компанијата.
Регрес за годишен одмор работодавачот треба да им исплати на сите работници кои за него работеле најмалку шест месеци во календарската година, а ако не го стори тоа, може да добие парична или затворска казна.