СВР Скопје денеска поднесе кривична пријава за поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и поранешниот заменик министер за економија, Христијан Делев, поради сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, со што е нанесена штета на буџетот на Република Македонија во висина од 1.352.400 денари.
Со своја реакција околу оваа пријава излезе Христијан Делев, тој вели дека денешната пријава е продолжение на политичката хајка против поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ. Тој потенцира дека ова е еклатантен пример за непознавање на правото и злоупотреба на институциите од страна на СДСМ. Наместо да се занимаваат со вистински криминал СДСМ и МВР креираат лажни предмети и лажни сценарија без никакви аргументи или докази.
-Целта на СДСМ е да ги замолчи сите слободоумни граѓани кои не се согласуваат со нивната политика или се против промената на уставното име, уставот и идентитетот на граѓаните на Република Македонија. Ова пријава доаѓа само 48 часа после мојата изјава за ББЦ против промената на уставното име, идентитет. Во истото интервју претседателот на Владата кажува дека името треба да се промени и дека граѓаните му дале мандат бидејќи се за влез во ЕУ и НАТО.
Делев вели дека во врска со пријавата за предметот против него, вистината е следна:
– Целата постапка е спроведена согласно закон. Од страна на Владата на РМ уште во 2014 беше формирана работа група со цел да најде решение за еден од најголемите проблеми кој се провлекува 18 години во државата. Штетите од него се стотици милиони евра, а целата постапка беше класифицирана во категорија државна тајна. Владата ангажираше меѓународни и домашни адвокати кои требаше да помогнат да се најде соодветно решение. На затворена седница на владата во неколку наврати се дискутираше за понуденото решение. Наместо владата на СДС да продолжи со имплементација на концептот и да спречи идните генерации да плаќаат за грешките од минатото, се отвора кривична постапка против луѓето кои барале решение. Доколку веќе се отвора кривична постапка, би било добро нарачателите да го декласифицираат предметот па вистината да ја видат граѓаните и да проценат каква штета нанесува СДСМ.
Делев во изјавата вели дека веќе кружат информации дека овој предмет ќе биде и дел од мерките за градење на доверба со Грција и еден од 40-те услови со кој дојде грчкиот министер за надворешни работи.