Живот 09.03.2019 12:29

Денес е тежок празник: Наоѓање на главата на свети Јован Крстител- избегнувајте ги овие работи

Денес е тежок празник: Наоѓање на главата на свети Јован Крстител- избегнувајте ги овие работи

Православните верници денеска го одбележуваат денот на првото и второ наоѓање на главата на св. Јован Крстител.

Великиот и славен Крстител Јован беше убиен по желба и наговор на злобната Иродијада, жената на царот Ирод. Откако му ја отсекоа главата, Иродијада нареди да не ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашеше дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне. Затоа ја зеде неговата глава и ја закопа на едно скриено и бесчесно место длабоко во земјата. Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можеше да трпи главата на Божјиот човек да остане на она бесчесно место, па тајно ја откопа, ја однесе во Јерусалим и ја закопа на Елеонската Гора.

Не знаејќи за сето тоа, кога царот Ирод дозна дека Исус врши големи чуда, се уплаши и рече: „Тоа е Јован когошто јас го убив, стана од мртвите“ (Марко 6, 16). Подоцна, еден угледен богаташ поверува во Христа, ја остави својата позиција и суетата на светот и се замонаши, па како монах со името Инокентиј се насели на Елеонската Гора токму на она место каде што беше закопана главата на Свети Јован Крстител. Сакајќи да си соѕида келија, копаше длабоко и пронајде земјен сад и во него глава за којашто на таинствен начин му беше јавено дека е на Крстителот.

Тој ја целива и ја закопа на истото место. По Божја Промисла оваа чудотворна глава подоцна одеше од рака на рака и понираше во мракот на заборавот па одново беше објавувана, додека најпосле во времето на благочестивата царица Теодора – мајка на Михаил а жена на царот Теофил – и во времето на патријархот Игнатиј, не беше пренесена во Цариград.

Од главата на Светиот Предтеча се извршија многубројни чуда. Значајно и интересно е тоа што додека беше жив Свети Јован не изврши ниедно чудо (Марко 10, 41), а на неговите Свети мошти им се даде дар на чудотворство.

Од евангелската историја е познато дека Иродијада во една прилика ја побарала и ја добила отсечената глава на свети Јован Крстител. Неговата глава таа ја фрлила на буниште во дворецот на Ирод.

Некоја си Јована, жена на управникот на домот на Ирод, ја зела главата оттаму и ја закопала на Маслиновата Гора. Подоцна главата ја нашол некој Инокентиј, и тоа е првото наоѓање.

Нејзиното второ наоѓање е во петтиот век, кога веќе трагата и била загубена. Главата била пренесена во Халкидон, а подоцна во Цариград.

Според обичаите и верувањата за овој ден, денеска никако не смее да се работи тешка работа, ниту пак да се допираат ножеви или нешто остро.