Живот 23.04.2025 10:37

Денеска во Лондон ќе се одржи нова рунда преговори за примирје меѓу Русија и Украина

Денеска во Лондон ќе се одржи нова рунда преговори за примирје меѓу Русија и Украина

Дипломати од Велика Британија, Франција, Германија, Украина и САД денеска во Лондон ќе одржат нова рунда разговори со цел постигнување прекин на огнот во тригодишната војна меѓу Украина и Русија. На преговорите во Лондон се очекуваше да присуствуваат специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио, но тие се повлекоа, а наместо нив беше испратен американскиот претставник за Украина, Кит Келог, јавува Би-би-си.

Рубио синоќа во разговор со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави дека се надева на суштински добри технички состаноци.

Лами го опиша разговорот како „конструктивен“, истакнувајќи дека тој се одвива во „критичен момент за Украина, Велика Британија и евроатлантската безбедност“, додека „преговорите се одвиваат со забрзано темпо“. Рубио рече дека ќе го презакаже своето патување во Велика Британија во наредните месеци, додавајќи на социјалните мрежи дека „со нетрпение очекува да продолжи разговорот“.

Белата куќа објави дека Виткоф оваа недела ќе отпатува за Москва на четвртата средба со рускиот претседател Владимир Путин. Овие преговори доаѓаат по извештајот на британскиот „Фајненшл тајмс“ дека Русија би можела да биде подготвена да ја запре војната долж сегашните линии на фронтот и да се откаже од некои територијални амбиции во замена за американското признавање на рускиот суверенитет над Крим, пренесува Танјуг.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не му биле дадени такви предлози и дека ја отфрлил можноста Крим да се признае како руска територија.

Украина на преговорите во Лондон ќе ја претставува шефот на кабинетот на претседателот, Андриј Јермак, објави Суспилне, повикувајќи се на извор од украинското претседателство. Претходната рунда мировни преговори за Украина се одржа во Париз, а на неа присуствуваа претставници на САД, Франција, Велика Британија, Германија и Украина.