Актуелно 15.02.2019 15:16

Десетмина од повредените во тешка состојба, двајца во критична

Десетмина од повредените во тешка состојба, двајца во критична

Десетмина од повредените во завчерашната сообраќајната несреќа кога автобус се преврте на автопатот Скопје-Тетово, се во тешка здравствена состојба, а двајца во критична.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска ги посети повредените во Градската општа болница „8 Септември“, изјави дека таму се лекуваат 28 повредени, а шест ќе бидат пуштени на домашно лекување.

– Од вкупниот број пациенти шест се наоѓаат во одделот за интензивно лекување. Кај двајца од нив во текот на вчерашниот ден е направена хирушка интервенција. Сите се со стабилни витални параметри. Кај двајца од нив најдоминатни им се повредите на главата, се политрауматизирани и поставени на респираторна машина. Состојбата им е критична. И другите пациенти кои се во Одделот за интензивно лекување исто така се политрауматизирани и доминантни им се повредите на градниот кош и на стомакот, рече Филипче.

Потенцира дека во Клиничкиот центар се лекуваат осум пациенти од кои четворица се на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, по еден пациент има на клиниките за трауматологија, неврохирургија, торакална хирургија, а една бремена жена се лекува на Клиниката за гинекологија и е во добра општа состојба.

– Четворицата пациенти кои се сместени во КАРИЛ се во тешка состојба. Кај една млада пациентка на возраст од 20-тина години ќе се прави хирушка интервенција. Конзилиум сега се одлучува како ќе продолжи третманот на нејзината нога која тешко повредена и згмечена и постои можност да и биде ампутирана. Останатите пациенти имаат повреди на локомоторниот систем, на градниот кош и на стомакот, додаде Филипче.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов истакна дека двајцата пациенти кои беа пренесени од Одделот за интензивно лекување, 15-годишното момче и 40-годишниот пациенти синоќа заради влошување на состојбата и губење на крв биле внесени во оперативниот протокол.

– Прво беше оперирано момчето, кое има повреда на црниот дроб и крварење на абдоменалната шуплина и сето тоа е санирано, а и кај другиот пациент со повреда на дел од тенкото црево и беше извршена интервенција. Тие се во стабилна состојба и се во Одделот за реанимација, додаде д-р Костов.

Во автобуската несреќа загинаа 14 патници, а повредени беа 37 други.