Мозаик 01.11.2018 17:06

Дигиталната валута биткоин е еден од најголемите финансиски феномени

Дигиталната валута биткоин е еден од најголемите финансиски феномени

Пред десет години анонимен криптограф ги изложи принципите на автономна „онлајн“ валута, која би постоела надвор од дофатот на владите и централните банки. Денес, нестабилноста на биткоинот ги полни насловните страници, но технологијата која стои зад него ветува длабока промена.

Дигиталната валута биткоин е еден од најголемите финансиски феномени на нашето време. И додека нејзината повремена рекордна пазарна вредност ги разгорува соништата за брзо богатење  овогодишниот пад ги поттикна стравовите дека се би можело да се распрсне како балон од сапуница.

Го покрена Сатоши Накамото- никој не знае кој е тој

Биткоинот пред десет години беше покренат од анонимен криптограф, кој под името „Сатоши Никамото“ ги објави принципите на автономните дигитални пари. Неговите идеи беа револуционерни: нема контрола од централните банки, нема национални граници. Наместо тоа, механизам наречен блокчејн ќе ја обезбедува довербата и сигурноста во системот.

Грубо речено, блокчејн е јавно достапна картотека на трансакции кои се снимаат една по друга. Доколку некој се обиде да го наруши овој синџир, тоа веднаш ќе биде видливо, бидејќи е достапно преку повеќе записи. Така, на пример, овој систем не дозволува користење виртуелни пари повеќе од еднаш.

Биткоините се генерираат, односно „рударат“, со помош на комплексни компјутерски математички процеси. Количината на биткоини е ограничена и што повеќе „рударите“ се приближуваат до лимитот тоа постапката ќе биде покомпликувана.

Прогласот на Сатоши е објавен по пат на мејлинг листа во ноември 2008 година. Два месеци подоцна е создаден софтверот.

Вложувањата почнаа со колапсот на инвестициската банка Леман брадерс, која западна во криза. Од никаде се појави биткоинот како алтернатива.

Се верува дека Сатоши Накамото поседува околу милион биткоини, што е околу 6,3 милијарди долари – богатство кое остана недопрено. Мистеријата за неговиот или нејзинот идентитет е голема загатка која многумна се обидуваат да ја решат. Сатоши само виртуелно комуницираше со своите колеги од светот на биткоинот пред целосно да се повлече во изолација. Беше потребно одредено време за биткоинот да добие замав. Во почетокот беше само игралиште за компјутерските експерти.

Легенда за пицата вредна милиони

Во приказната која влезе во легендите, некој програмер наводно со десет илјади биткоини платил достава на две пици во 2010 година. На врвот на еуфоријата за биткоини минатата година, таа достава би чинела 190 милиони долари, а дури и денес, по значителното опаѓање на вредноста на крипто валутата, тој несреќник за две пици би платил 63 милиони долари.

Едни од првите кои профитираа од оваа крипто валута се „онлајн“ криминалците. На црните интернетски пазари, како што е Силк роуд, биткоинот можеше да се користи за купување дрога и оружје.

Во раните денови, биткоинот се карактеризираше со брза флуктуација на вредноста, што привлече бројни шпекуланти. На самиот почеток вредноста на биткоинот се движеше од неколку евра до неколку десетици и обратно.

Вниманието на јавноста и лимитираниот број биткоини, кој достигнува бројка од околу 21 милион единици, доведе до вистинска златна грозница во последните неколку години. Вредноста на валутата се зголеми уште повеќе.

Поради точно одредениот број единици биткоини кои ги одреди Сатоши се покомплексниот и процес на рударење кому му е потребна голема енергија има потреба од користење фарми на сервери. На Исланд, кој има евтина геотермална енергија, се разви цела индустрија на рударење.

Изгуби две третини од вредноста

Биткоинот годинава изгуби две третини од својата вредност, но чувството на златна грозница сè уште не минува. Би можеле да пројдат уште 20 години пред да се произведат сите можни единици биткоини.

Меѓутоа, технологијата која стои зад биткоинот, блокчејн, привлече најголем интерес кај банките и другите инситуции од музичката до автомобилската. А тоа е затоа што значително придонесува за безбедноста на онлајн трансакциите.

Критичарите на блокчејн велат дека ланчаниот систем е бавен и гломазен, но заговорниците на технологиите тврдат дека тие проблеми можат да се решат и оти нивната потенцијална безбедносна добробит е огромна.

– Технологијата е сè уште во раните години на развој, треба да созрее за да може да се развие, да се користи во други цели, изјави професор Кристоф Мајнел, експерт за интернет технологија и системи од Универзитетот во Потсдам.

Финансиската индустрија споделува сличен поглед на оваа технологија: „Блокчејн има потенцијал да го смени начинот на кој купуваме и продаваме, соработуваме со Владата и ја потврдуваме автентичноста на сè – од сопственост до потекло на органскиот зеленчук“,  напишаа од инвестициската банка Голдмансакс.

Блокчејн нуди едноставен и безбеден начин на верификација на речиси секој вид трансакција, со што воедно ја отстранува потребата од посредник или централизирани точки на потврда. Станува збор за технологија која би можела да растресе голем број индустрии, доведувајќи ги во прашање долгогодишните деловни модели, од осигурување до недвижнини.

Индекс- Загреб