Финансии 02.07.2024 08:53

Димитриеска Кочоска: Оделе во Брисел по 30 души, сега ќе одат по двајца

Димитриеска Кочоска: Оделе во Брисел по 30 души, сега ќе одат по двајца

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во емисијата „24 Анализа“ рече дека буџетот е преголем и набилдан, па според тоа има простор да се крати од многу места за да може пензиите до март следната година да се зголемат линеарно за 5.000 денари.

– Точно е тоа дека и претходно добивале некои проценти, сега ќе добијат повеќе за 10-тина милиони евра, но проистапот е ферски и линеарен, 5.000 денари многу ќе значат. Во Секретаријатот за европски прашања оделе со 30 луѓе за реформската агенда во Брисел. Сега ќе одат само двајца. Ситно, ситно, но се собира. Износот кој ќе го реалоцираме се 20 милијарди денари, рече министерката.

Димитриеска Кочоска додаде дека за зголемени пензии простор за пари има и кај нереализираната предвидена динамика на трошење во капиталните проекти.

– Ќе ги погледнеме и капиталните расходи, таму не е нешто како што треба. Полниме наменски сметки а не се трошат. Префрлале пари за сметки, проектот е мртвило, не мрднува а парите никој не смее да ги чепне. Барем да ги орочиш па да добиеш камата. Кеш менаџментот бил многу лош и треба да се најдат механизми да се подобри тој дел, истакна министерката.