Расправата за ребалансот на буџетот треба да продолжи денеска во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет откако вчера на првиот ден од расправата се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во своето експозе, министерката за финансии посочи дека ребалансот е скроен согласно затекнатите состојб во Буџетот и дека се обезбедени средства за се она што треба да се исплати согласно закон.
– Со ребалансот обезбедуваме средства за сите оние и за се она што било предвидено со закон, а немало планирани средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање на обврските по основ на камати, заеми и слично. Се обидовме и направивме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата што стоеја неискористени. Од се она што претставува несуштински расходи, успеавме да најдеме заштеди од 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде што беа потребни, рече Димитриеска Кочоска.
За пратениците од парламентарното мнозинство, ребалансот е за спас на државата затоа што средствата во Буџетот биле планирани само за првите шест месеци од годината и фалат пари за обврски што треба да се исплатат од страна на државата, додека оценката на опозицијата е дека ребалансот е скроен за да ги задоволи коалициските договарања и не се работи за никакво штедење затоа што од Буџетот треба да се исплатат најмалку 12 нови функционери од четирите нови министертва.
Забелешки на ребалансот на буџетот имаат и од Судскиот буџетски совет и од државното Јавно обвинителство чии претставици вчера укажаа дека не смее да има кратење на средствата наменети за судската власт и за обвинителството, бидејќи, како што посочија, тоа ќе влијае на нивната автономија и на квалитетот и ефикасноста на правдата.
Во ребалансот на буџетот не се предвидени пари за зголемување на платите во здравството и образованието што го потврдија и министрите за здравство и за образование и наука.
Од Сојузот на синдикати уште пред изборите побараа о новата власт зголемување на минималната плата на 450 евра. Вчера во соопштение до јавноста, посочија дека не ја гледаат оправданоста работодавачите да добијат пола милијарда евра поддршка од државата, а да не може да се зголеми минималната плата.
– Не ја гледаме оправданоста работодавачите да добијат половина милијарда евра на поклон од државата (пари од кредитот и пари кои работодавачите не ги плаќаат во буџетот, а кои потоа ги враќаат и работниците и граѓаните), а Владата и работодавачите да имаат изговор за да не се зголеми минималната плата веднаш на 450 евра, како и да не се зголемат платите во приватниот и во јавниот сектор, велат од ССМ.
Општата расправа за Ребалансот на буџетот трае најмногу три дена, а амандманската расправа, за која се поднесени 58 амадмани, шест дена.
Вкупните приходи во Ребалансот на буџетот се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.
При усвојувањето на Ребалансот на буџетот од страна на Владата беа усвоени и неколку заклучц на предлог на Министерството за финансии. Меѓу нив дека при склучување на колективните договори, буџетските корисници треба да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ќе треба да побараат мислење од Министерството за финансии. На ова реагираа од синдикат на УПОЗ од каде прашаа дали е на повидок суспендирање на колективните договори.