Општина Прилеп е подготвена за реализација на првата фаза на гасификацијата, рече прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски и додаде дека основниот проект треба да биде готов до крајот на годинава. Притоа, потенцираше дека веќе се обезбедени шест милиони денари за проектна документација.
Претставувајќи ја програмата за гасификација пред стопанствениците од Прилеп, градоначалникот рече дека очекува од компаниите дa ја известат општината за нивните реални потреби во моментот и предвидените капацитети во иднина, со цел точно да се проектираат првите 20 километри гасоводна мрежа во градот.
„На овој начин во Прилеп ќе се намали аерозагадувањето. Сакам да ги охрабрам компаниите, да ја реализираме оваа инвестиција до 2020 година. Бенефитите ќе ги имаат сите подеднакво и фирмите и јавниот сектор и домаќинствата“, додаде Јованоски.
Во подготвителната фаза, секој стопански субјект треба да пополни т.н. енергетска картичка, за висината и количеството на гас, што треба да им се обезбедат. Со анкетата што ќе биде спроведена ќе бидат опфатени и јавниот сектор и домаќинствата.
Проектот има вкупно четири фази, а во 2020 година треба да почне изградбата на секундарната мрежа, со приклучување на постојниот гасовод „Гама“.
Според надворешниот советник за проектот „Гасификација на Прилеп“, Кире Настески, гасификацијата е дел од Стратегијата за развој на енергетиката на Македонија. Тој нагласи дека кога ќе почне овој проект во Прилеп, во најголема мера зависи од фирмите и домаќинствата. Додаде и дека најголеми корисници на гасоводот ќе бидат домаќинствата, но во првата фаза сепак ќе се вклучат компаниите и јавниот сектор, а потоа станбените згради и домаќинствата.
На веб-страницата на општина Прилеп ќе биде ставена апликација, со анкетен лист за пополнување, а иста таква анкета ќе се спроведува и со домаќинствата.
Прилепските стопанственици на денешната средба покажале голем интерес за проектот. Дел од нив забележале дека во одделни стопански зони во градот, до денеска, не биле изработени детални урбанистички планови.