Независниот синдикат на професионалните војници на прес-конференција денеска обвини дека дел од институциите ги занемаруваат за нивните барања за средби со цел подобрување на условите за работа, особено со превозот до работа.
Војниците велат дека се снаоѓаат кој како знае и умее, некои одат со свои автомобили, други се групираат по четворица па го делат трошокот бидејќи редовни автобуски линии нема секогаш до нивните дестинации.
-„Одредени возни линии не се со квалитет што треба да задоволува. Ни се случува да се укинуваат автобуски линии и луѓето се снаоѓаат самите. Делот од трошокот се покрива, но луѓето не може да стигне до нив тој трошок што сами го издвојуваат за да чекаат да им се врати. Имаме касарни каде што за сите правци нема превоз. Луѓето се чудат како да стигнат до работното место“, рече потпретседателот на Синдикатот на прес-конфернецијата Веле Крбалески.
И додека војниците мака мачат како да стигнат до своите работни места министерката за одбрана Радмила Шекеринска најави дека Министерството за одбрана ќе стави на располагање 60 милиони денари за кампањата за претстојниот референдум за договорот меѓу Македонија и Грција.
– Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.