Физичките и правните лица што имаат ненамирени сметки за вода можат да здивнат, бидејќи заостанатиот долг ќе можат да го платат на рати и без да платат камата.
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ веќе објави информација на својата веб-страница и сите заинтересирани граѓани и правни лица ќе можат да склучат договори за отплата на долгот до 15 мај годинава.
Граѓаните, пак, корисници на социјална помош ќе мораат да приложат потврди од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи за да бидат ослободени за плаќање до 10 кубни метри потрошена вода месечно.
За оваа категорија граѓани „Водовод“ има донесено одлука за ослободување до овој потрошен лимит вода.
Со Министерството за труд и социјална политика истовремено разгледуваат дополнителни можности за целосно или делумно ослободување други групи социјално ранливи категории граѓани или приматели на социјална помош.
Од јавното претпријатие информираат дека бројот на ратите ќе го одредуваат во зависност од висината на долгот. Истите услови важат како за физичките така и за правните лица, а различен е бројот на ратите во однос на висината на долгот на граѓаните или за некое правно лице.
Од претпријатието велат граѓаните треба само да се обратат кај нив во службите и да потпишат договори. Отплата на шест месечни рати ќе им следува на оние што должат помеѓу 20.000 и 25.000 денари, а на десет месечни износи ќе им биде поделен долгот на оние што имаат неплатени сметки во висина од 40 до 45 илјади денари.