На официјалната интернет страна на Министерството за финансии стои дека на 21 август е планирана нова аукција на државни хартии од вредност.
Имено, Министерството за финансии ќе се задолжи за вкупно 405.000.000 денари или вкупно 6,6 милиони евра.
Минатата недела Министерството за финансии преку записи и обврзници на домашниот пазар се задолжи за нови 36,6 милиони евра иако претходно беше најавено дека преку обврзници ќе се повлечат 32,5 милиони евра.
Според државните институции, Владата во изминативе 3 месеци, односно во вториот квартал, повторно го зголемила јавниот и државниот долг. Бројките велат дека , секој ден изминативе 3 месеци, јавниот долг се зголемувал за над половина милион евра или поточно 580.645 евра дневно, додека пак државниот долг се зголемува секој ден за 311.827 евра.
Експертите велат дека со вакво прогресивно темпо на задолжување при отсуство на капитални и развојни инвестиции кои би значеле поврат на парите и долгорочен бенефит за државата економијата ќе доживее колапс.