Актуелно 20.11.2018 22:00

Државниот пазарен инспекторат со апел до граѓаните за интернет нарачки преку Facebook

Државниот пазарен инспекторат со апел до граѓаните за интернет нарачки преку Facebook

Државниот пазарен инспекторат на Република Македонија (ДПИ) се стреми да ги следи трендовите, па така благодарение на соработката со Проектот на УСАИД за модернизација на инспекциските служби се одржа обука на тема “Инспекцискиот надзор во е-трговија во Република Македонија“, стои во соопштението. Инспекторите имаа прилика да слушнат повеќе за е-трговијата, нејзиниот раст, развој, но и предизвиците кои ги носи истата за нив како институција. Во изминатиот период од Државниот пазарен инспекторат велат дека се во пораст пријавите од измамени граѓани кои извршиле купување преку интернет, особено преку социјалните мрежи од нерегистрирани трговци за најразлични производи или услуги. Она што го добиваат не одговара на она што го нарачале, а кога не можат да си ги остварат правата се обраќаат до ДПИ за помош.

“Апелираме граѓаните да внимаваат од каде нарачуваат и да ги проверуваат и веб (интернет) страните на тие Facebook страни од кои нарачуваат. Сè почести се претставките од оваа природа кога измамените купувачи потоа не можат да стапат во контакт со продавачот и да го вратат или заменат производот. Дополнително, кога вршат нарачки од меѓународни веб продавници треба да се свесни дека Државниот пазарен инспекторат нема надлежност над други меѓународни пазари надвор од територијата на Република Македонија за да може да презема понатаму мерки за решавање на таквите претставки”, велат од ДПИ. Онлајн купувањето е во пораст во земјава, сè повеќе граѓаните се охрабруваат да купат онлајн и да ги
искористат придобивките од истото, зголемениот избор и можности, подобри цени и удобност во купување 24/7. Но, во исто време треба да бидат внимателни во изборот од каде ќе купат. Во Македонија има околу 500 регистрирани активни е-трговци и се очекува значително зголемување на овој број, а со тоа и зголемување на понудата од домашните компании.
“Мило ми е што е-трговијата е ставена во фокус и во Државниот пазарен инспекторат. Една од главните теми на оваа обука беше токму справување, превенција и намалување на сива економија во е-трговија, која им пречи на сите регистрирани е-трговци кои ги почитуваат регулативите, но и на самиот економски систем и буџетот на Република Македонија. Дополнително, мило ми е што имавме прилика отворено да дискутираме со инспекциската служба во инспекторатот за моменталната регулатива за е-трговија, и што има слух и отвореност за промени и соработка со реалниот секторот”, вели Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија, предавач на обуката. На тема откривање и превенција на нелегална електронска трговија, зборуваше и претставник од Министерство за внатрешни работи, Секторот за криминал и дигитална форензика кои истакнаа дека се отворени за соработка како со Државниот пазарен инспекторат како државен орган со надлежност за контрола над домашниот трговски пазар и внатрешна трговија во Република Македонија, но и со реалниот сектор и граѓаните.