Финансии 23.08.2023 08:48

ЕБОР одобри заем од 100 милиони евра – ЕСМ корисник, државата гарант

ЕБОР одобри заем од 100 милиони евра – ЕСМ корисник, државата гарант

Заем во износ од 100 милиони евра ќе добие ЕСМ од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за поддршка во финансирањето на трошоците за унапредување на производниот процес, инвестиции во нови обновливи извори на енергија и одржување на веќе изградените централи од обновливи извори.

Заемот е со рок на отплата од пет години, со грејс период од шест месеци и со варијабилна каматна стапка на шестмесечен ЕУРИБОР со маргина од еден отсто. Компанијата ќе биде корисник на средствата и ќе ги сервисира сите обврски, а државата ќе дава гаранција.

„Денес се обезбедуваат дополнителни 100 милиони евра, поддршка за ЕСМ. Се олеснува состојбата, зашто 100 милиони евра нема потреба да се дадат од Буџетот“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими при потпишување на договорот за заем.

Тој потсети дека од 2020 до 2022 година, Владата реагираше брзо за справување со кризите и одвои околу две милијарди евра. Во 2023 година, пак, нагласи Бесими, за поддршка на граѓаните и стопанството се предвидени 225 милиони евра.

„Овие 100 милиони евра од ЕБОР се плус планираните 225 милиони“, потенцира Бесими.

Според директорот на ЕСМ, Васко Стефанов компанијата продолжува да се движи кон „зеленото сценарио“.

„Планирани се повеќе проекти кои сериозно ќе влијаат земјава да биде енергетски независна. Поддршката и соработката со институции како ЕБОР се од клучно значење и ќе придонесат за побрза и полесна транзиција кон „зелената“ агенда со заложба за транзиција кон чиста енергија која има цел намалување на стакленичките гасови за 61 процент“, потенцира Стефанов.

Освен Договор за заем, во Министерството за финансии беше потпишан и Договор за гаранција меѓу Република Северна Македонија и ЕБОР.

На потпишувањето на договорите присуствуваа министерот Бесими, директорката на ЕБОР за Југоисточна Европа, Шарлот Руе и директорот на ЕСМ Стефанов.