Економскиот советник во белата куќа Лери Кадлоу изјави дека повторното отворање на трговските преговори со САД и Кина е голема работа, но дека за сега нeизгледa дека договорот меѓу двете најголеми светски економии е на повидок.
“Разговорите ќе се одвиваат долго време”, изјавил Кадлоу за Fox News.
Тој објаснил дека САД и Кина во мај се договориле за 90 проценти од спорните работи, но преговорите биле прекинати. Претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателот на Кина, Си Џинпинг, се состанале на самитот на Г20 во Јапонија и се договориле преговорите да продолжат.
Кадлоу укажува дека преостанатите 10 проценти од спорните работи тешко е да се надминат во преговорите, а меѓу нив се и сајбер нападите, кинеските барања за американските компании кои работат во таа земја да ја даваат на увид нивната технологија, како и поддршката на кинеската влада за компанијата Huawei.
Трамп се договорил со кинескиот претседател дека САД се уште може да продава некои компоненти на компанијата Huawei, што е одлука која се противи на некои републиканци бидејќи тие веруваат дека Huawei може да вгради технологија на кинеските разузнавачки служби во производи кои се продаваат низ целиот свет.
Кадлоу смета дека се уште има “отворени безбедносни прашања” во врска со компанијата Huawei, и укажува дека новата одлука на Трамп за продажба на компоненти “не е општа амнестија.”
Трамп на Твитер напиша дека “имаше одлична средба со кинескиот претседател и дека одлучи да не воведе нови тарифи на увезената стока, туку да се продолжи со трговските преговори”.
Американскиот претседател напиша и дека “Кина се согласи да купи големи количини на земјоделски производи од американските земјоделците додека траат разговорите”, и дека на барање на американските IT компании е договорено Huawei да купи производи кои “не ја загрозуваат национална безбедност на САД”.
Трамп додаде и дека “односите со Кина продолжуваат да бидат многу добри”, но дека тарифите кои до сега биле воведени нема да бидат отстранети.